Жолт картон за Би-би-си? Кралскиот божиќен концерт ќе се емитува на Ај-ти-ви

Кавгата меѓу кралското семејство и Би-би-си се вжешти откако принцот Вилијам и војвотката од Кембриџ му забранија на британскиот јавен сервис да го емитува нивниот традиционален концерт со божиќни песни по бесот поради документарецот „Принцовите и печатот“.

Хуманитарниот концерт наместо тоа ќе се емитува на „Ај-ти-ви“ (ITV), а Кејт Мидлтон ќе ги преземе должностите на водителка. Принцот Вилијам заедно со трите деца на парот, принцот Џорџ (8), принцезата Шарлот (6) и тригодишниот принц Луис, исто така се очекува да присуствуваат.

 

 

Сепак, присуството на децата не е потврдено од палатата Кенсингтон.

Кралската двојка реши да му сврти грб на британскиот јавен сервис откако го емитуваше првиот дел од документарецот во кој беа прикажани тврдења за наводна расправија меѓу принцовите Вилијам и Хари.

Кралското семејство смета дека требало да го види пред да почне да се прикажува и дека не му било понудено право да одговори на наводите изнесени во документарецот од два дела.

Повеќе британски медиуми, вклучувајќи го и Би-би-си, објавија дека војводата и војвотката од Кембриџ го понудиле својот божиќен концерт на „Ај-ти-ви“ наместо на „Би-би-си“ по кавгата со корпорацијата.

Бакингемската палата во средата соопшти дека документарната серија The Princes and the Press изнела пренадувани и неосновани тврдења. Во реакцијата се наведува дека е разочарувачки да се даде кредибилитет на таквите тврдења.

Концертот со бадникови песни во Вестминстерската опатија првично требаше да биде емитуван од Би-би-си. Но, концертот ги помести каналите по очигледниот бојкот од страна на членовите на монархијата.

Се очекува програмата да биде снимена на почетокот на декември, а сепак ќе ја прави „Би-би-си студиос“, огранок за комерцијална продукција на корпорацијата, и покрај промената на емитувачот.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.