Чеферин се правда за одигрувањето на Аталанта-Валенсија

Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин ја бранеше одлуката да се дозволи да се одигра мечот Аталанта-Валенсија од Лигата на шампиони на 19 февруари и покрај заканата од корона вирусот, откако повеќе експерти го нарекоа мечот „биолошка бомба“ поради раширувањето на болеста.

Аталанта стигна до 4:1 победа на „Сан Сиро“ во Милано, каде што пристигнаа околу 44 илјади навивачи од ближниот Бергамо (град од 120.000 жители), а сега месец и пол подоцна, Бергамо е најпогодениот град во Италија од вирусот. Реваншот се играше на празна „Месталја“, а Аталанта стигна до 4:3 победа и пласман во четврт-финалето.

Чеферин инсистира дека УЕФА не можела да знае како ќе се развива кризата.

„На 19 февруари никој не знаеше дека Ломбардија ќе биде центарот на епидемијата. Кои бевме ние да кажеме дека мечот не треба да се одигра? Ги следевме советите на властите и тоа е сè што можевме да направиме. Одлуките не се носат одеднаш, постојат договори. Фудбалот се играше низ цела Европа, границите беа отворени“, вели Чеферин.

Една недела по таа победа на Аталанта, сите мечеви од ЛШ и Лига Европа беа откажани, како и сите фудбалски натпреварувања во топ 5 лигите.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.