Нападот на „биковите“ или одбраната на „јорганџиите“ – кој оди на мегдан со ПСЖ?

Голем хендикеп за Лајпциг е што ќе го нема Тимо Вернер (потпиша за Челси) во составот, Атлетико Мадрид без заразените Корeа и Врсаљко во Лисабон, Феликс се опорави од повредата.

Ова накратко е најавата за вечерашниот четвртфинален двобој во Лигата на шампиони меѓу Атлетико Мадрид и Лајпциг.

Подобриот од овој дуел оди на мегдан со ПСЖ во полуфиналето.

„Биковите“ од Лајпциг испишуваат историја, првпат се меѓу осумте најдобри на Стариот континент.

„Јорганџиите“ се секогаш тука близу до врвот, но никогаш на него. Олеснително за нив е што го нема градскиот ривал Реал Мадрид, елиминиран е од Сити.

Атлетико тука стигна по драматилен меч на „Енфилд“ со првакот Ливерпул, а Лајпциг со две победи го исфрли од игра минатосезонскиот финалист, Тотенхем.

Младиот стручњак на клупата на Лајпциг, Јулијан Нагелсман смета дека имаат замена за голгетерот Вернер.

„Имаме играчи кои може да го заменат Вернер. Атлетико е физилка екипа, со снажни стопери. Нема да го менуваме нашиот стил на игра. Ќе се обидеме да најдеме празнина во нивната одбрана. Притисокот и нервозата се присутни. Имаме план и ако постигнеме први гол, но и ако примиме. Подготвени сме“ рече Нагелсман.

Чоло Симеоне во Лисабон е без Кореа и Врсаљко, а во составот ќе има и 4 играчи од младинскиот погон.

„Помина доста време од нашиот последен меч во ЛШ. Победата на `Енфилд` беше сјајна, но ова е нов почеток. Фокусирани сме на мечот, да се подготвиме на вистинскиот начин. Лајпциг има одличен тим, со млад тренер кој врши одлична работа“ смета Симеоне.

Атлетико сезонава во Ла Лига на 38 меча постигна 51 гол, а Лајпциг во Бундеслигата на 34 меча имаше реализација на 81 гол.

Мечот почнува во 21 часот и се игра на стадионот „Жозе Алвеладе“ во Лисабон, Португалија.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.