Приведени четири лица по хаосот на натпреварот во Гостивар

Полицијата приведе четири лица по хаосот во спорската сала „Младост“, за време на одигрување на кошаркарски натпревар помеѓу екипите на КК „Гостивар“ и КК „Пелистер“ од Битола.

Од МВР информираа дека бил нарушен јавниот ред и мир со фрлање предмети од публиката и од играчи, како и со физичка пресметка помеѓу членови на двете екипи.

„За време на натпреварот од публиката на источната трибина биле фрлени повеќе предмети на теренот и бил погоден тренерот на екипата на Пелистер М.И.(47) од Скопје, кој потоа ја скршил клупата за резервни играчи. Истовремено, настанала физичка пресметка помеѓу играчот на Пелистер, Б.С.(29) од Скопје и физиотерапевтот на КК „Гостивар“, В.Ѓ.(29) од Гостивар. После тоа, играчите од гостинската екипа Б.С.(29) и Д.Н.(28) фрлале предмети кон публиката, при што, според пријавеното, Б.С. го погодил гледачот Б.П. од Гостивар. Во врска со настанот, полициски службеници од ОВР Гостивар ги лишиле од слобода В.Ѓ.(29) од Гостивар, Б.С.(29) од Скопје, М.И.(47) од Скопје и Д.Н.(28) од Битола и по целосно расчистување и документирање на случајот ќе следат и соодветни поднесоци“, информираа од МВР.

Претходно, комесарот за натпреварување, Александар Милојевиќ, ги одреди казните за инцидент што се случи во последната четвртина од дуелот меѓу Гостивар и Пелистер. Натпреварот заврши со победа на Пелистер 89:84.

Гостивар наредните два натпревари на домашен терен ќе ги одигра пред празни трибини. Два натпревари ќе пропушти играчот на Пелистер Бобан Стајиќ. Еден натпревар суспензија добија тренерите на Гостивар и Пелистер, Димитриески и Илиевски.

Комесарот Милојевиќ одреди и парични казни за двата клуба. Гостивар во касата на МКФ ќе уплати 165.000, а Пелистер 153.000 денари.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.