Зелените партии со најголеми изборни победи во Западна Европа

Ви трите изборни циклуси кои се одржаа викендов во три западноевропски земји, најголеми победи однесоа Зелените партии: изборите во Баварија, парламентарните избори во Луксембург и локалните избори во Белгија.

 

Демохристијанската ЦСУ, коалицискиот партнер на Ангела Меркел, бележи историски пад од 12 отсто (на вкупно 35 отсто) гласови во својот традиционален бастион во Баварија на сметка, пред сѐ, на партијата на Зелените, која доби 18 отсто од гласовите, резултат без преседан за оваа партија во овој регион, со што Зелените стануваат незаобиколив политички фактор.

 

Катарина Шулц, копретседателка на баварските еколози победата ја нарече историска. Додека многумина веруваа дека изгубените гласови на ЦСУ ќе заминат кај есктремната десница АФД, оваа партија завршува дури на четврто место, со 11 отсто, после десноориентираната изборна листа на независни кандидати “Слободни Гласачи„. Германската зелена партија е во пораст секаде во големите германски градови, но победата е најсимболична во Баварија каде ЦСУ со години владее речиси со апсолутно мнозинство и гласачите важат за поконзервативни од другите места. Иако допрва треба да започнат преговорите за формирање регионална влада, ниту ЦСУ ниту Зелените не се чинат отворени за заедничка коалиција.

 

Во Луксембург во недела гласачите бираа ново парламентарно мнозинство. Иако формирањето на новата влада е сѐ уште неизвесно, резултатите покажуваат дека Зелената партија на Луксембург е единствена во пораст, додека сите други губат седишта, и дека благодарение на нејзе ќе се спаси сегашната влада.

 

Либералната партија на сегашниот премиер Гзавие Бетел изгуби едно седиште, демохристијанската ЦСВ две, а Социјалистичката партија на работниците – три. Досега владеачката коалиција беше составена од сите три партии освен ЦСВ, благодарение на победата на Зелените најверојатно истата коалииција ќе продолжи да функционира но со едно седиште помалку, порачаа партиските челници на Зелените по изборите.

 

За крај во недела гласаа и белгиските граѓани на локални избори. Слично како во Луксембург и Германија сите традиционални партии бележат или значаен пад или статус кво во повеќето општини додека Зелените се во пораст речиси секаде, а највеќе во главниот град, Брисел. Зависно од претстојните коалициски преговори, Зелените најверојатно ќе успеат да им одземат повеќе градоначелнички места на Либералите, кои беа големите победници на последните локални избори во 2012.

 

“Зелениот бран“ кој ја зафаќа Европа не е случаен, коментираат експертите по овие резултати во трите држави. Климатските промени, исклучително топлото лето но и оваа невообичаено топла есен во Западна Европа, загадувањето, скандалот Фолксваген во Германија, проблемите со нуклеарните централи во Белгија се дел од причините зошто гласачите се вртат кон екологистите. Зелените партии нудат исто така и алтернатива на традиционалните партии фокусирано на доброто владеење и животната средина. Зелените како во Баварија, така и во Белгија, успеаја да ги привлечат разочараните и од десницата и од левицата.

 

Останува да се види дали овие резултати ќе се рефлектираат и врз претстојните европски избори во мај 2019, на кои многумина стравуваат дека екстремната десница би можела да однесе победа без преседан. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.