Вучиќ се заблагодари на Грција за ставот за Косово

Српскиот претседател и лидер на Српската напредна странка (СНС) Александар Вучиќ се заблагодари за поддршката која Грција и партијата Нова демократија и ја даваат на Србија во процесот на европската интеграција, а особено му се заблагодари на лидерот на таа партија Киријакос Мицотакис за ставот дека Грција нема да ја менува својата позиција во однос на прашањето на Косово.

 

На заедничката прес-конференција со лидерот на Нова демократија, Киријакос Мицотакис, Вучиќ рече дека тој и неговиот грчки колега разговарале за соработката меѓу двете земји и двете партии кои се членки на блокот на Европските народни партии, јави дописникот на МИА од Белград.

 

– Го замоливме да ни помогне во конкретни работи – од гласањето за Интерпол на некои други работи”, изјави Вучиќ за новинарите по состанокот со Мицотакис во седиштето на СНС во Белград.

 

Вучиќ истакна дека го информирал соговорникот за таксите што Приштина ги наметнала за стоки од Србија, и покрај ЦЕФТА договорот.

 

– Не сакав да го доведам во неповолна положба да арбитрира во тоа, но го информирав затоа што тоа не е само прашање на односите Белград-Приштина, туку и на односот на Приштина кон сите други, рече Вучиќ, додавајќи дека разговарале и за тоа како Србија и Грција да ги зајакнат своите политички и економски врски.

 

Тој нагласи дека е неопходно да се конкретизираат што е можно повеќе овие односи и во инфраструктурните проекти.

 

– Констатиравме дека не врзува вистинско пријателство, но исто така разговаравме и за конкретни начини за подобрување на соработката. И во однос на инфраструктурата, железничката пруга од Белград до Солун која треба да биде побрза, подобра и да превезува повеќе патници и стоки, но и за сите други важни прашања … Ние немаме многу добри и искрени пријатели како Грција и јас сум убеден дека односите во иднина ќе бидат барем блиски како досега, па дури и поблиски, рече Вучиќ.

 

По разговорите со лидерот на СНС Александар Вучиќ, Мицотакис рече дека Грција ја гледа Србија во ЕУ.


Тој потврди дека нема намера да ја смени позицијата на Грција кон Косово и рече дека го поддржува дијалогот Белград-Приштина и дека едностраните потези не помагаат, туку, напротив, поттикнуваат лоша атмосфера.

 

– Ние сакаме овој дијалог во добра смисла да го поддржиме со сите наши сили, рече Мицотакис.

 

Тој, исто така, рече дека верува оти повеќе може да се направи на ниво на билатерални односи.


Мицотакис посочи дека Грција имала водечка улога во Србија во текот на 1990-тите и била една од првите инвеститори во период кога останатите се воздржуваа, но и дека изминатите десет години биле многу тешки за Грција.

 

– Ако Нова демократија победи на претстојните избори, што зависи од довербата на народот, Грција ќе й помогне на Србија на ниво на инвестициски, трговски и инфраструктурни проекти, истакна Мицотакис.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.