Харадинај до Столтенберг: Војската на Косово ќе се формира

– Косовскиот премиер Рамуш Харадинај соопшти дека денеска во телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, му порачал дека без оглед на дилемите кои постојат во Алијансата околу трансформацијата на Безбедносните сили (ФСК) во војска на Косово, законите кои ќе го овозможат тоа идната недела ќе се најдат на дневен ред на косовското Собрание, јави дописникот на МИА од Приштина.

 

Харадинај во неговата објава на Фејсбук, без да пренесе што му било порачано од другата страна, тврди дека на Столтенберг му рекол оти „одлуката на Косово е суверена и во рамките на Уставот" и за истата ќе се гласа на 14 декември.

– Изразувајќи разбирање за неговите ставови од мултилатерална перспектива за процесот на транзицијата, го информирав генералниот секретар Столтенберг дека Косово е посветено на процесот на транзиција на ФСК, што ќе обезбеди создавање на една професионална, мултиетничка и кредибилна војска во служба на сите граѓани на Косово, напиша косовскиот премиер.

Според Харадинај, идната војска на Косово „ќе придонесе за мирот и стабилноста во регионот и пошироко".

Столтенберг денеска, по повод започнатиот процес за формирање војска на Косово, им телефонираше на Харадинај и на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Според објавата на официјалната страница на НАТО, Столтенберг на Харадинај му го повторил ставот дека „намерата на Косово да ги трансформира своите безбедносни сили во војска доаѓа во погрешно време и е против препораките на голем број членки на НАТО", како и дека „тоа може да има сериозни последици по евроатлантските интеграции на Приштина".





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.