ЕУ сака да и помогне на Тереза Меј, но прашањето е како

Претседателот на Европскиот совет Доналд Турс денеска по состанокот со британската премиерка Тереза Меј, порача дека Европската унија е подготвена да и помогне за да обезбеди поддршка во британскиот Парламент за предлог договорот за Брегзит.

 

– Имав долг и искрен разговор со премиерката Тереза Меј во пресрет на самитот за Брегзит. Јасно е дека 27 земји членки на ЕУ сакаат да помогнат, но прашањето е како, напиша Туск на Твитер.

 

Британската премиерка Тереза Меј вечерва пристигна во седиштето на Европската унија во Брисел, каде разговараше со Туск, во обид да добие поддршка од Унијата со цел да издејствува усвојување на Договорот за Брегзит во британскиот Парламент.

 

ЕУ денеска потврди дека нема повторно да преговара за договорот за истапување на Велика Британија од европскиот блок на 29 март, но Унијата би можела да усогласи дополнителна политичка поддршка за британската премиерка.

 

Меј вчера во последен момент го одложи гласањето во британскиот Парламент за договорот за Брегзит, што беше предвидено за денеска, признавајќи дека со сигурност би бил одбиен. Портпарол на Меј денеска соопшти дека гласањето ќе се одржи пред 21 јануари идната година.

 

Брисел е третата станица на Меј во брзата дипломатска турнеја во рамки на која денеска ги посети Холандија и Германија.

 

Нејзиниот портпарол изјави дека во Германија имала „позитивен состанок" со германската канцеларка Ангела Меркел.

 

Тој рече дека двете политичарки се договориле да останат во „близок контакт" со цел да постигнат изгласување на договорот за излез на Велика Британија од ЕУ во британскиот Парламент.

 

Меркел на средбата го повторила ставот дека нема да има можност повторно да се преговара за Брегзит и додала дека е оптимист во врска со постигнување решение.

 

Британската премиерка Тереза Меј денеска накусо беше оневозможена да излезе од автомобилот кога стигна на средбата со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин, бидејќи се заглави вратата.

 

Како што јави Би-Би-Си, припадник на обезбедувањето на Меј се обидел да ја отвори вратата, но таа била блокирана. Сепак, по неколку обиди, тој успеа да ја отвори вратата.

Британската премиерка на овие средби се обидува да го спаси постигнатиот Договор за Брегзит, откако  го одложи гласањето по него во Парламентот во Вестминстер.

Меј изјави дека и се потребни „дополнителни уверувања" во врска со границата меѓу Ирска и британската покраина Северна Ирска, со цел да обезбеди поддршка од пратениците во Долниот дом на Парламентот. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.