Макрон и предлага „нов договор" на нацијата

Францускиот претседател Емануел Макрон и предлага „нов договор" на нацијата за излез од кризата со протестите на „жолтите елеци", во предвечерјето на националната дебата за ова прашање што официјално ќе започне утре и ќе трае до 15 март, јави дописникот на МИА.

 

Во писмо до Французите, Макрон наведува дека „големата национална дебата”, нема да биде „ниту избор, ниту референдум".

 

– Вашите предлози ќе овозможат да се изгради „нов договор" на нацијата, за да се урврди акцијата на Владата и Парламентот, но и позициите на Франција на европско и меѓународно ниво. Јас ќе поднесам извештај директно, во месецот по завршувањето на дебатата, им вети Макрон на Французите.

 

Макрон наведува дека за него „нема забранети прашања" и нема да се согласиме на сè.

 

– Тоа е нормално, тоа е демократија. Но, барем ќе покажеме дека сме луѓе кои не се плашат да зборуваат, да разменуваат мислење, да дебатираат. И можеби ќе откриеме дека можеме да постигнеме согласност, почесто отколку што мислиме, пишува претседателот во писмото.

 

Како што беше најавено, дебатата ќе се фокусира на четири главни теми: оданочувањето и јавната потрошувачка, организацијата на државата и јавната администрација и услуги, еколошката транзиција и демократијата и граѓанското општетство.

 

Во секоја од овие категории, шефот на државата во писмото им поставува на Французите вкупно 33 прашања, меѓу кои и за имиграцијата и секуларизмот.

 

– Тие (прашања) не ја исцрпуваат дебатата, но ми се чини дека се во сржта на нашите дебати, вели Макрон.

 

Некои од отворените теми може да завршат со организирање на референдум, особено за демократијата и граѓанското општетство, каде што шефот на државата сугерира за ограничување на бројот на пратеници во Парламентот, за улогата на Сенатот и на Советот за економски, социјални и еколошки прашања, кака и за поттикнување на граѓаните за учествуво во јавните дебати.

 

Макрон, исто така, го покренува и прашањето за референдуми за граѓански иницијативи, што е едно од главните барања на „жолтите елеци".

 

Францускиот претседател во писмото манифестира непопустливост околу реформите што веќе се преземени, исклучувајќи ја идејата за нивно преиспитување, вклучувајќи го и укинувањето на данокот на богатство.

 

– Не заборавив дека сум избран со еден проект, за големи насоки на кои им останувам верни, објаснува Макрон, повторувајќи ги своите позици, како борбата против невработеноста преку создавање на нови работни места и намалување на нееднаквоста со реформи на образованието и со професионална обука.

 

Макрон се осврнува и на борбата против глобалното затоплување со промена на францускиот модел на развој. – Ние мора да измислиме нов, продуктивен, социјален, образовен, еколошки и европски проект кој е поправеден и поефикасен. За овие главни заложби, мојата решеност не се промени, заклучува тој.

 

Пред поставувањето на општата рамка за идните дискусии, шефот на француската држава, сепак, бара еден предуслов – прекин на насилствата во протестите на „жолтите елеци". Нагласувајќи дека  го споделува револтот на Французите и дека го разбира нивниот гнев и незадоволство поради „премногу високите" даноци, „премногу далечните" јавни услуги или „премногу ниските" плати, Макрон сепак предупредува дека нема да прифати „каква било форма на насилство".

 

– Не прифаќам и немам право да го прифатам притисокот и навредите, на пример за избраните претставници на народот, не прифаќам и немам право да ги прифатам општите обвинувања, на пример на медиумите, новинарите, институциите и функционерите. Ако сите ги напаѓаат сите, општеството се распаѓа, предупредува претседателот на Франција.

 

Ваквата реакција на Макрон е одговор на последните  протести на „жолтите елеци", обележани со напади врз новинари и јавни институции и обиди за заплашување на пратениците од владејачкото мнозинството. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.