Тереза Меј убедливо поразена во гласањето за брегзит во Парламентот на Британија

Британската премиерка Тереза Мај доживеа пораз на клучното парламентарно гласање за нејзиниот договор со кој Велика Британија треба да ја напушти Европската унија.

 

Со убедливо мнозинство – 432 „против" и 202 „за", Долниот дом на Парламентот го отфрли договорот со Европската унија за напуштање. Веднаш по гласањето, лидерот на опозицијата, Џереми Корбин изјави дека Лабуристите бараат гласање недоверба на владата на Меј.

 

За да добиеше поддршка договорот во Парламентот, Меј требаше да има зад себе 318 пратеници – сите нејзини сопартијци и плус еден.

 

„Бунтовниците" меѓу ториевците го објаснија својот негативен глас главно поради недостатокот од гаранции дека евентуалното останување на Северна Ирска во царинската унија со Европа во отсуство на конкретен следен договор помеѓу Лондон и 27-те преостанати земји-членки на ЕУ, нема да продолжи неограничено.

 

Корбин беше сигурен дека сите лабуристи ќе гласаат „против" и дека во следните денови треба да се земат предвид сите можности за излез од кризата. Според него, најдобрата варијанта се предвремени избори. Меј остана со став дека парламентарната дебата за гласање недоверба може да се спроведе утре, но постојат најави дека таа до понеделник ќе претстави пред пратениците нов план за акции по неуспешното гласање во нејзина полза.

 

Гласањето еднаш беше одложено во декември откако Меј тоа го побара заради немање поддршка. Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер изјави дека исходот од гласањето во Парламентот на Британија зголемува ризик од брегзит без договор.

 

– Опасноста од излегување на Лондон без уредени правила по гласањето оваа вечер е зголемена, нагласува тој во соопштение. Јункер изрази жалење поради одлуката на британскиот парламент да не го поддржи договорот кој го испреговара премиерката Тереза Меј со ЕУ партнерите.

 

Тој додаде дека процесот на ратификација од страна на земјите членки на ЕУ сепак продолжува. Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, од своја страна само куса твитна: -Ако договор не е возможен, а никој не сака без договор, кој ќе има храброст да каже кое е единственото позитивно решение?

 

По две години преговори помеѓу Брисел и Лондон, кон крајот на минатата година беше постигнат "договор за повлекување" или "договор за Брегзит".

 

Британците треба да ја напуштат ЕУ на 29 март. Врендоста на британската фунта вечерва се намали за половина процент до околу 1,28 долари за една фунта. Тоа е најниско ниво од почетокот на годината.

 

Спрема еврото британската фунта се намали за 0,895 фунти. По неприфаќањето на договорот можни се повеќе сценарија – од распишување нови избори до нов референдум или дури излегување на Велика Британија од ЕУ без договор, што би можело да доведе до хаос, предизвикан од брзиот прекин на односите со Унијата.

 

Пред гласањето, последниот ден од дебатата заврши со говор на премиерката и размена на остри реплики. Меј ги повика пратениците да гласаат за договорот за брегзит што го постигна со ЕУ, нагласувајќи им дека ја имаат таа обврска поради исходот од референдумот во 2016 година.

 

Правниот советник на владата, сер Џефри Кок, рече дека ако договорот на Мај биде одбиен, земјата ја очекува многу неизвесност.

 

Тој ги обвини пратениците „дека играат со животот на луѓето".





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.