Одбележана првата годишнина од убиството на Оливер Ивановиќ

Во Северна Митровица денеска беше одбележана првата годишнина од се уште нерасветленото убиство на претседателот на партијата Граѓанска иницијатива „Србија, демократија, правда“ (СДП) и еден од лидерите на косовските Срби, Оливер Ивановиќ, јави дописникот на МИА од Приштина.

 

Членови на семејството, соработници и граѓани на Северна Митровица, положија цвеќиња и запалија свеќи на местото каде што утрото на 16 јануари беше убиен Ивановиќ.

 

Меѓу присутните беше и министерот за трговија на Србија, Расим Љајиќ, а приштинските медиуми забележуваат дека немало ниту еден претставник на најголемата партија на косовските Срби, владејачката Српска листа.

 

На присутните им се обрати единствено блиската партиска соработничка на Ивановиќ, Ксенија Божовиќ, која нагласи дека освен политички пораки и полемики меѓу Белград и Приштина, досегашната истрага не даде никакви резултати и извршителите и нарачателите на убиството и натаму остануваат непознати.

 

– За жал, сите сме неми. Оваа тортура и молк што владеат по убиството на Оливер Ивановиќ, како што гледате, се присутни и денеска на овие простори. Не постои веќе глас на разумот и нема кој да не охрабрува, нагласи Божовиќ.

 

Таа изрази разочараност од меѓународните претставници, затоа што, како што рече, ветиле дека ќе присуствуваат на одбележувањето на годишнината од убиството, но само ден претходно ја откажале посетата.

 

– Сакавме да бидат присутни тука денеска поради само една причина – за да испратиме јасна порака од ова место, дека институциите во Косово кои се одговорни да ги пронајдат убијците на Ивановиќ, паднаа на испитот уште од првиот ден, порача Божовиќ.

 

Ивановиќ беше убиен на денешен ден пред една година недалеку од неговиот дом, пред седиштето на неговата партија во Северна Митровица.

 

Косовските специјални полициски единици на 23 ноември минатата година во обемна акција во северниот дел на земјата, уапсија три лица, од кои двајца припадници на Полицијата на Косово, осомничени за инволвираност во убиството. Судот во Приштина на почетокот на годинава на тројцата, на барање на Специјалното обвинителство, им го продолжи притворот до крајот на февруари.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.