Макети на Ф-16 „летаа" во Хрватскиот сабор

Хрватскиот министер за одбрана Дамир Крстиќевиќ предизвика инцидент во Саборот, фрлајќи макета на воениот авион Ф-16, што му ја донесе пратеникот на опозициската Социјалдемократска партија (СДП), Франко Видовиќ, за време на расправата околу пропадната набавка на ловци од овој тип од Израел.

 

Видовиќ по свото обраќање на Крстиќевиќ и на хрватскиот премиер Андреја Пленковиќ „им подари" по една макета на авионот Ф-16, што го разлути министерот за одбрана, кој му ја грабна макетата од раце и гневно ја фрли на подот.

 

– Јас сум генерал од време на војната, а сега сум министер за одбрана. Јас и Министерството за одбрана на Република Хрватсла сторивме се Хрватска конечно да добие авион каков што заслужува. По се, доаѓа некој тука да ти се потсмева, без никакво почитување, изјави луто Крстиќевиќ.

 

По ова реагираше Пленковиќ, кој се обиде да го смири налутениот Крстиќевиќ.

 

На испадот на министерот за одбрана реагираше пратеникот на СДП, Пеѓа Грбин, кој постапката на Крстиќевиќ ја оцени како срамна, додавајќи дека министерот „дивеел" во Саборот.

 

По напуштањето на салата, Крстиќевиќ пред новинарите во ходникот на Саборот изјави дека постапката на Видовиќ била понижувачка.

 

– Тоа е понижување. Јас сум воин. Така не се прави со војник. Дали јас на СДП требаше да им донесам МиГ-21, истакна Крстиќевиќ.

 

Хрватска лани склучи договор со Израел за набавка на модернизирани авиони од типот Ф-16. Но, бидејќи станува збор за авиони од американско производство, за нивната продажба Израел требаше да добие дозвола од САД. Откако Вашингтон не ја одобри продажбата, Израел се повлече од договорот, со што пропадна набавката на ловците за хрватското Воено воздухопловство.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.