All for Joomla All for Webmasters

Белгиските средношколци мета на политички напади поради протестите

Десетици илјади млади Белгијци со недели, секој четврток, протестираат на улиците и бараат од властите да преземат сериозни мерки против климатските промени, што почна да им пречи на некои политички кругови, кои возвратија со напади врз отганизаторите на собирите, јави дописничката на МИА од Брисел.

 

Централната фигура на нападите е седумнаесетгодишната Ануна Де Вевер, една од организаторите на движењето „Млади за климата". кое повеќе од еден месец ги мобилизира белгиските средношколци ширум земјата секој четврток.

 

Пред една недела, фламанската министерка за животна средина Јоке Схоувлихе, беше приморана да поднесе оставка откако, за време на средба со земјоделци, изјави дека ова масовно младински движење било „производ на заговор". Поранешната министерка од редовите на партијата Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ), на трибината изјави дека младите биле манипулирани од „еколошкото лоби".

 

Таа на земјоделците тогаш им порача дека знае „кој се крие зад ова движење" и тврдеше дека добила докази за тоа од белгиските разузнавачки служби.

 

– Можам да Ви гарантирам дека зад ова има повеќе отколку спонтани акции за солидарност за климата, рече тогаш Схоувлихе.

 

Бурните реакции на јавноста за овие наводи дека средношколците биле манипулирани за повисоки политички цели доведоа до оставка на министерката, која пред камери во солзи се извини за своите изјави и призна дека претерала.

 

Но, нападите од страна на демохристијаните и националистите против десетиците илјади млади демонстранти не стивнаа.

 

Претседателот на ЦДВ, Воутер Бек, пред неколку дена порача дека лидерката на движењето, Ануна Де Вевер, била советувана и обучувана од невладината организација за заштита на животната средина Гринпис, пред да се појавува во медиумите.

 

Гринпис остро ги отфрли овие напади и ги оцени како неосновани.

 

– Тоа што вашата партија не наоѓа кредибилен одговор за климатските преокупации и поради тоа бира поларизација е тажен избор. Но, да го правите тоа на смета на посветена седумнаесетгодишна млада девојка е под секаква чест, изјави портпаролот на организацијата Џои Тејс.

 

Младата Де Вевер, од своја страна, изјави дека се чувствува повредена од нападите на политичката десница.

 

– Ние сме млади кои напорно работат и со задоволство се организираме, но ова е и многу заморно. Се трудиме да останеме фокусирани на климата, но кога ќе слушнеме вакво нешто, јасно е дека не сме сѐ уште сфатени сериозно. Ми се чини дека политичарите мислат дека е невозможно две млади седумнаесетгодишни девојки да иницираат вакво движење, изјави младата активистка.

 

Што се однесува до Гринпис, таа изјави дека организацијата ги известила средношколците дека им стои на распологање доколку им  бидат потребни совети, но дека досега тоа не се случило.

 

– Досега одлично функционираме вака, движењето е сосема независно и ниту еден обид за присвојување не успеал, додаде Де Вевер.

 

Од почетокот на јануари белгиските средношколци не одат на настава секој четврток за да протестираат за недоволните климатски политика на белгиската влада. Движењето е секоја недела побројно и достигна повеќе од 30 илјади учесници минатата недела.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© 2017 MTM ТВ Дооел - Скопје. Изработка и хостинг: Делта Софт ЛТД - Гевгелија. Сите права се заштитени.