Ципи Ливни се повлекува од политиката

Една од лидерите на израелската левоцентристичка опозиција Ципи Ливни денеска соопшти дека се повлекува од политиката и дека нема да се кандидира за пратеник на изборите во април годинава.

 

Ваквата одлука, 61-годишната Ливни ја образложи со фактот дека нејзината либерална партија Движење (Хатнуа) нема реални шанси да го мине изборниот праг за влез во идниот Кнесет.

 

– Хатнуа нема да учествува на изборите. Немаме доволно политичка сила да ги реализираме нашите визии, Нема да си простам ако бидат загубени гласовите на оние кои веруваат во нас, изјави Ливни на прес-конференција.

 

Хатнуа досега беше во коалиција со Израелската лабуристичка партија (Авода), но по промените во своето партиско раководставо, лабуристите ја прекинаа соработката со партијата на Ливни.

 

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека при евентуален самостоен настап на изборите, Хатнуа нема да освои најмалку 3,25 проценти од гласовите, колку што изнесува цензусот за освојување пратенички мандати.

 

– Заминувам од политиката, но не сакам од Израел да замине надежта за мир, изјави Ливни.

 

Ливни ја почна својата политичка кариери во 90-те години на минатиот век во редовите на сега владејачката конзервативна партија Консолидација (Ликуд), но во 2005 година заедно со поранешниот премиер Ариел Шарон ја формираше сега веќе непосточеката центристичка партија Напред (Кадима). Ливни ја напушти Кадима во 2012 година, а следната 2013-та ја формираше сегашната нејзина партија Хатнуа.

 

Во 2001 година Ливни беше избрана за израелски министер за регионална соработка, а по неколку месеци стана министер без резор во Владата на Израел. Во 2002 година беше избрана за министер за земјоделство, а веќе следната година го презеде ресорот за интеграција на еврејските доселеници, со кој раководеше до 2006 година. Паралелно со ова, од 2004 до 2005 година, таа беше и министер за домување и градежништво.

 

Во 2006 година Ливни стана шефица на израелската дипломатија, функција што ја извршуваше до 2009 година. Во израелската Влада се врати во периодот од 2013 до 2014 година, кога ја извршуваше функцијата министер за правда.

 

На изборите во 2009 година, Ливни беше кандидатка на Кадима за премиер на Израел, со што имаше шанса да стане втора жена на чело на израелската Влада по Голда Меир. Иако, Кадима победи на изборите, Ливни не успеа да формира владина коалиција што ќе има мнозинство во Кнесетот, по што партијата премина во опозиција.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.