Грчкиот Парламент ќе гласа за уставните измени

За предлозите за уставни измени кои минатиот месец добија зелено светло од пратениците на првото гласање, денеска повторно ќе гласа грчкиот Парламент на второто и последно гласање.

 

На дневен ред се 32 предлози од СИРИЗА, четири од пратеничката група на Нова демократија и седум од пратеници од различни партии кои минатиот пат добија минимум 151 глас, јави дописничката на МИА од Атина.

 

Гарантирање на верската неутралност на државата, одвојување на изборот за претседател на државата од распуштањето на Парламентот, забрана на родова дискриминација поради родот и сексуалната ориентација, ограничување на пратеничкиот имунитет, ратификување на меѓународни договори со референдум, замена на премиерот поради здравствени причини, гарантирањето на независноста кај воените судии се дел од уставите измени кои од грчкиот Парламент добија зелено светло на првото гласање.

 

Членовите за кои ќе се гласа, доколку добијат од 151 до 179 гласови, следниот парламент што ќе произлезе од новите избори, ќе треба да ги изгласа со 180 гласови, за тие што денеска ќе поминат со 180 или повеќе позитивни гласови од пратениците, во следниот парламентарен составв  ќе биде потребно минимално мнозинство од 151, додека пак ако некои од предлозите добијат помалку од 151 глас ќе бидат отфрлени.

 

Според грчките медиуми, се очекува да се отвори жестока дискусија меѓу власта и опозицијата околу толкувањето на членот 110 во однос на тоа дали следниот Парламент ќе биде обврзан од актуелниот за содржината на одредбите што ќе бидат променети. СИРИЗА го поддржува ставот дека постои обврска, а Нова демократија и Демократска алијанса го тврдат спротивното.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.