Две децении од почетокот на воената кампања на НАТО во поранешна СР Југославија

Во Србија денеска со повеќе комеморативни манифестации ќе бидат одбележани 20 години од почетокот на бомбардирањето на НАТО на СР Југославија.

 

Денот на сеќавање на настраданите во воената кампања на НАТО ќе биде одбележан во Ниш, во присуство на српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ, како и претставници на војската, црквата, дипломатскиот кор и граѓани.

 

На денешен ден, пред точно 20 години, по серија обиди на меѓународната заедница да се реши косовската криза, од италијансаката база во Авиано полетаа првите авиони, кои и во следните 78 дена бомбардираа цели ширум Србија. Воената интервенција во СРЈ почна на 24 март, околу 19.30 часот, по наредба на тогашниот генерален секретар на НАТО Хавиер Солана, а без одлука на Обединетите нации. Владата во Белград истата ноќ прогласи воена состојба. Во првите денови земјата ја надлетуваа 70 борбени авиони, а со текот на времето нивниот број се зголемуваше и достигна до 400 летови дневно, потсетува Танјуг.

 

Според податоци од Србија, до 10 јуни евидентирани се 18.168 авио полетувања, додека НАТО објави 38.004, од кои 10.484 со борбени дејства, а останатите биле извидувачки, летови на танкери, авакси и слично.

 

Нападите на СРЈ изведувани се од бродови во Јадранското Море, од четири воздухопловни бази во Италија, а дел од операциите се изведувани со бомбардери кои полетувале од бази во Западна Европа, па дури и САД. За време на тие 78 дена уништени се околу 50 отсто од производните капацитети на земјата, а вкупната штета е проценета на десетици милијарди долари. Според српски податоци, во воената кампања загинале над 2.500 луѓе, а повредени се пет пати повеќе. Бомбардирањето заврши на 10 јуни. Еден ден претходно, претставници на Војската на Југославија и НАТО во Куманово потпишаа Воено-технички договор, со кој е прецизирано повлекување на силите на Војската од Косово и распоредување на меѓународни воени сили во тогашната српска покраина. Силите на КФОР, составени од 37.200 војници од 36 земји влегоа во Косово на 12 јуни. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.