Во невреме на Халкидики загинаа шестмина туристи

Најмалку шестмина туристи, меѓу кои и две деца, загинаа, едно лице се води како исчезнато, десетици се повредени, причинета е голема материјална штета и има прекин на снабдувањето со електрична енергија во невремето што вчера ја зафати Северна Грција, а најпогодени беа делови од Халкидики, јави дописничката на МИА од Атина.

 

Кусо по полноќ, во поширокиот регион на Халкидики беше прогласена вонредна состојба, а министерот за цивилна заштита на Грција рано утрово одржа вонреден владин состанок за првична проценка на ситуацијата.

 

Жртвите од невремето се туристи од Романија, Чешка и Русија кои биле во близина на првиот крак, додека, пак, од вчера попладне еден рибар се води како исчезнат.

 

Повредените се пренесени во неколку болници на Халкидики и во Солун, а според владиниот портпарол Стелиос Пецас, една жена е хоспитализирана на интензивна нега. Неофицијално, меѓу повредените има и деца.

 

Шестмината туристи животот го загубија во три одделни случаи. Триесет и девет годишен Русин и неговиот двегодишен син загинаа во Неа Потидеа откако врз нив паднало дрво, врз 54-годишна жена од Романија се урнал покрив од таверна во местото Неа Плаја, а во истата таверна, под засега непознати околности починало и осумгодишно дете, исто така од Романија.

 

Невремето на плажата Созополис во близина на првиот крак беше трагично и за повозрасна брачна двојка од Чешка, кога се превртел нивниот автомобил-приколка. Неофицијално, заедно со нив биле и нивниот син и внук кои поминале без повреди.

 

Грчката крајбрежна служба од вчера попладне трага по рибар, кој со неговиот чамец исчезнал во морето.

 

Министерот за цивилна заштита на Грција, Михалис Хрисохоидис веќе се наоѓа во Солун и рано утрово одржа вонреден владин состанок за првична проценка на ситуацијата.

 

Невремето иако траеше кусо, остави зад себе голема материјална штета и прекини во снабдувањето со електрична енергија.

 

Грчката противпожарна служба, до три часот утрово добила над 600 повици за помош, а интервенирала во 235 случаи за спасување, но и за отстранување на паднати дрвја.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.