Периодот на инкубација на коронавирусот може да биде 24 дена

Периодот на инкубација за новиот коронавирус, во кој починаа повеќе од 900 луѓе во Кина, може да трае 24 дена, јавија агенциите.

 

Ова се наведува во научниот текст на кинескиот епидемиолог Јонг Наншан. Тој е познат по својата работа во управувањето со епидемијата на САРС во 2003 година и е назначен за главен советник во тековната криза.

 

Јонг пишува дека периодот на инкубација на новиот вирус може да биде од нула до 24 дена, односно десет дена повеќе отколку што се сметаше порано. Написот, кој сè уште е предмет на научна ревизија, посочува дека просечниот период на инкубација на вирусот е три дена.

 

Карантинот за сомнителните носители на инфекција досега беше 14 дена, за тоа време кај заразените не може да се појават симптоми. Според некои експерти, вирусот може да се пренесе за време на периодот на инкубација без симптоми, иако други експерти се сомневаат во оваа хипотеза.

 

Во меѓувреме, протече информацијата дека кинеските специјалисти до април ќе го завршат тестирањето врз животни за вакцина против новиот коронавирус.

 

Проектот е управуван од Центарот за спречување на болести на Народна Република Кина, кој успеа да создаде имунолошки серум за само две недели. Вакцината во моментот се тестира на животни и по завршувањето на експериментите, таа исто така ќе се дава и на пациенти. Во неделата, новиот лек беше тестиран на 100 лабораториски глувци.

 

Претходно, стана јасно дека уште четири пациенти во Англија биле дијагностицирани со новиот коронавирус, со што вкупниот број на заразени во Велика Британија е осум. Нови позитивни пациенти имале контакт со Британецот, кому му бил дијагностициран коронавирус во Франција.

 

Британското Министерство за здравство објави дека ширењето и пренесувањето на новиот коронавирус е „сериозна и непосредна закана за јавното здравство“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.