Започна процесот за екстрадиција на Асанж во САД

Првото рочиште во процесот на екстрадиција на Џулијан Асанж во САД се одржа пред судот во Лондон, при што двете страни дадоа спротивставени портрети за основачот на Викиликс, презентирајќи го како новинар којшто се бори за вистината и како несовесен криминалец.

Британскиот адвокат Џејмс Луис, официјален претставник на владата на САД, која сака да го гони Асанж заради обвиненија за шпионажа, изјави дека австралискиот компјутерски експерт е „обичен“ криминалец чие објавување стотици илјади тајни воени документи пред 10 години ги загрозило животите и безбедноста на многу луѓе.

Адвокатот на Асанж, Едвард Фицџералд, одговори дека основачот на Викиликс е жртва на американската влада и законите, која сака неговиот случај да им послужи како пример на другите. Фицџералд исто така рече дека „нехуманите“ услови на кои Асанж би бил изложен во американски затвор значително ќе го зголемат ризикот од негово самоубиство.

Доколку биде осуден, Асанж се соочува со затворска казна до 175 години.

Асанж, од друга страна, тврди дека се однесувал како новинар чијашто заштита е предвидена со Првиот амандман на Уставот на САД, а тајните документи што ги обелоденил покажале незаконско однесување од страна на американската војска.

Претставникот за медиуми на ОБСЕ, Арлем Дезир ги повика британските власти да не го екстрадираат Асанж во САД.

„Бројните обвиненија и непропорционалната 175-годишна затворска казна што тој би можел да ја добие може да има застрашувачки ефект врз слободата на изразување и слободата на печатот“, напиша Дезир на Твитер.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.