Француските лекари ги налутија африканските фудбалери: Ние не сме животни за тестирање вакцини

Предлогот на двајца француски лекари, кои гостуваа на една француска телевизија, дека истражувањето на вакцините против новиот коронавирус Ковид-19 би требало да се спроведува во Африка предизвика бес и негодување кај познатите личности, особено кај фудбалерите од тој континент, пренесува „Спутник“.

Жан Пол Мира, началник на Одделението за интензивна нега во една париска болница, и Камиј Лохт, директорот на францускиот Национален институт за здравје, обвинети се на социјалните мрежи за расизам.

Зборувајќи за испитувањата на влијанието на бе-се-же вакцината на коронавирусот, кои се спроведуваат во Европа и во Австралија, Мира рече:„Зошто ова испитување да не го спроведеме во Африка каде што нема маски, лекови, интензивна нега, како што претходно ги спроведувавме истражувањата за сида меѓу проститутките зашто знаевме дека се многу изложени и не се заштитуваат?“.

Со ова се согласи и Лохт, кој додаде дека се размислува за слична студија во Африка.

Оваа изјава наиде на бура критики на социјалните мрежи, а во првите редови беа фудбалерите со африканско потекло. Така, Дидие Дрогба, поранешен фудбалер на Челзи, напиша дека „Африка не е лабораторија за тестирање“.

Сенегалскиот фудбалер Демба Ба,кој игра во Истанбул, напиша: „Добредојдовте на Запад, каде што белците мислат дека се толку супериорни за расизмот да стане потполно банален. Време е да се побуниме“.

​Фудбалерот на Челзи со потекло од Сиера Леоне, Антонио Ридигер, посочи дека му било потребно време да најде зборови за овие луѓе.

„Двајца француски лекари на ТВ предложија експериментот со вакцината за Ковид-19 да се спроведе во Африка. Како Африканците да се животни. Срамно! Ова е расизам на највисоко можно ниво!“.

На критиките им се придружија некои француски политичари од левицата и невладини организации за човекови права, а здружението на адвокати од Мароко најави тужба против лекарите.

Од друга страна, францускиот Национален институт за здравје посочи дека станува збор за изјава извадена од контекст и дека лекарите всушност сакале да кажат дека Африка не смее да биде исклучена од истражувањата и од помошта во борбата против коронавирусот.

Мира ѝ се извини на јавноста ако погрешно го разбрале, додавајќи дека Африка е поизложена на вирусот отколку Европа, бидејќи нема доволно заштитна опрема и дека би било интересно покрај во Европа и во Австралија, слично истражување на биде спроведено и во Африка.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.