ЕИБ придонесува со 5,2 милијарди евра во борбата со Ковид-19 во земјите надвор од ЕУ

Групацијата Европска инвестициска банка, банката на Европската унија, денеска ги соопшти деталите на сеопфатниот одговор на пандемијата на коронавирусот надвор од ЕУ што ќе обезбеди до 5,2 милијарди евра во наредните месеци. Ова финансирање е дел од одговорот на Тим Европа и е поддржано со гаранции од буџетот на ЕУ. Тоа ќе ги зајакне и итните инвестиции во здравството и ќе ја забрза долгорочната поддршка за инвестициите во приватниот сектор што се одраз на потребите за финансирање во повеќе од 100 држави ширум светот.

„Пандемијата на Ковид-19 веќе погоди голем број држави и ќе има длабоки економски последици ширум светот. Многу луѓе ќе ги изгубат своите работни места и средствата за егзистенција. Оваа криза ќе ги уништи претприемачките мрежи и ќе ја влоши состојбата со постоечките ризични кредити особено во ранливите држави. Ние треба итно да покажеме дека Европа е тука за нашите партнери кога сме им потребни. Како дел од Тим Европа, банката на ЕУ во следните недели ќе ги идентификува и поддржи новите инвестиции во здравството и компаниите надвор од Европската унија. Ние ќе работиме во партнерство со Европската комисија, државите-членки на ЕУ, финансиските институции за европски развој и другите мултилатерални финансиски институции за да осигураме на јавните и приватните партнери да им се овозможи подобар пристап до финансиите што им се од клучно значење за справување со шокот од пандемијата“, изјави Вернер Хојер, претседателот на Европската инвестициска банка.

Инвестициите во јавниот сектор во државите ширум светот се очекува да бидат значително отежнати и ограничени како резултат од коронавирусот.

ЕИБ ќе соработува со партнерите од јавниот сектор за да го зголеми поволното финансирање што е достапно за инвестиции во здравството и компаниите. Ова ќе вклучува поддршка за јавните услуги што вклучуваат здравство, како и за регионалната трговија и високоранливите сектори како што се туризмот и угостителството.

Финансирањето по забрзана постапка ќе биде достапно за државите кадешто ЕИБ веќе работи. Иницијативата е осмислена на таков начин што финансирањето од страна на ЕИБ ќе може да биде дополнително поддржано и од страна на меѓународни и европски партнери за развојно финансирање.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.