Јужна Африка воведе полициски час и забрана на алкохол

Претседателот на Јужна Африка, Сирил Рамафоса, објави дека повторно ќе воведе забрана за продажба на алкохол и ноќен полициски час со цел да се намали притисокот на болниците, бидејќи бројот на заразени со коронавирус брзо се зголемува.

Рамафоса рече дека земјата не може да дозволи болниците и клиниките да бидат оптоварени со повреди поврзани со алкохол што може да се избегнат.

„Ова е борба за да се спаси секој живот и треба да го спасиме секој кревет. Невремето на коронавирусот е далеку посурово и попогубно од сите што ги знаеме“, истакна тој.

Рамафоса рече дека сегашните проекции покажуваат дека различни провинции ќе го достигнат врвот на инфекцијата во периодот помеѓу крајот на јули и крајот на септември, пренесува „Ројтерс“.

Ноќниот полициски час ќе биде во сила од понеделник и ќе трае од 21 часот до 4 часот наутро. Нема да се однесува на оние кои одат на работа или се враќаат од работа, ниту, пак, на лицата на кои им е потребна медицинска помош.

Исто така, ќе бидат заострени правилата за носење заштитни маски, но третото ниво на системот за предупредување на коронавирус, кој има пет нивоа, ќе остане на сила.

Семејните посети и социјалните активности ќе продолжат да бидат забранети.

Министерството за здравство на Република Јужна Африка денеска пријавило уште 12.058 случаи на коронавирус, со што вкупниот број на заразени изнесува 276.224.

Бројот на починати се искачи за 108 на вкупно 4.079.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.