Италијански лекари: Ковид-19 не е само распираторно заболување, туку убиец што го погодува целото тело

Последиците од Ковид-19 врз пациентите кои се излечени би можеле да бидат полоши од што се мислеше. Италијански лекари предупредуваат дека Ковид-19 не е само респираторно заболување, туку убиец што го погодува целото тело, објави „Скај њуз“.

Долгорочните ефекти на Ковид-19, дури и врз луѓето кои имале благи или немале симптоми, би можеле да бидат далеку полоши отколку што првично се очекуваше, според истражувачите и докторите во северна Италија.

Психоза, несоница, заболувања на бубрезите, 'рбетни инфекции, мозочни удари, хроничен замор и проблеми со движењето се идентификуваат кај поранешни пациенти со коронавирус во Ломбардија, најтешко погодениот регион во Италија.

Лекарите предупредуваат дека некои пациенти кои го имале вирусот можеби никогаш нема целосно да закрепнат од болеста и дека сите возрасни групи се ранливи.

„Вирусот е системска инфекција која ги погодува сите органи на телото, а не, како што се сметаше претходно, само респираторно заболување“, велат тие.

Некои поранешни пациенти може да откријат дека е нарушена нивната способност да работат, да се концентрираат, па дури и да учествуваат во физички активности.

Лекарите предупредуваат дека луѓето кои не се сметаат себеси за ранлива група и не се загрижени дека ќе заболат би можеле да се доведат во опасност од заболување кое ќе им го смени животот доколку ги игнорираат правилата.

Тие потенцираат дека потребата за физичка и социјална дистанца, миење на рацете и маските е исто толку важна сега како и некогаш.

Предупредувањата доаѓаат во услови на зголемена загриженост во северна Италија дека вториот бран на вирусот може да биде неминовен. Лекарите во двете главни болници во регионот пријавиле неколку нови случаи на тешко болни лица со респираторни проблеми.

Д-р Роберто Козентини, раководител на службата за итни случаи во болницата „Папа Јован XXIII“ во Бергамо изјави за „Скај њуз“:

„Најпрво мислевме дека е лош грип, потоа мислевме дека е лош грип со многу лоша пневмонија, но последователно откривме дека станува збор за системска болест која може да го оштети целото тело“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.