Шест часа траеше сослушувањето на Тачи во Хаг, рочиштето продолжува и денеска

Косовскиот претседател Хашим Тачи по шест часовно испрашување ги напушти просториите на Специјалното јавно обвинителство во Хаг, а рочиштето ќе продолжи и денес, пишува Коха.

Во кратката изјава за медиумите по напуштањето на Специјалното обвинителство, Тачи потврди дека рочиштето ќе продолжи.

„Денеска слушнав размена на разни технички податоци помеѓу адвокатите и обвинителите, прашања од техничка природа и првични прашања од обвинителите поврзани со ОВК, а истите ќе продолжат во вторник“, рече Тачи.

По напуштањето на Обвинителството, претседателот на Косово им се обрати на медиумите само на албански, за разлика од обраќањето кога пристигна, кога зборуваше на англиски јазик, пренесува Косово онлајн.

Пред да влезе во седиштето на Специјалното обвинителство (СПО) во Хаг, основано за да се испитаат наводните воени злосторства извршени во Косово во 1999 година, за време на бунтот на косовските Албанци против владеењето на Слободан Милошевиќ, Тачи рече дека е посветен на вистината, помирувањето и мирот.

Обвинителот на СПО го смета Тачи за одговорен за убиствата на голем број луѓе во време кога тој беше еден од клучните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК). Тачи претходно ја отфрли можноста за вмешаност во воени злосторства.

Покрај Тачи, хашкиот СПО го сомничи и Кадри Весели, кој беше командант на службата за разузнавање на ОВК за време на војната во Косово, a сега е еден од лидерите на косовската опозиција. Заедно со другите осомничени, СПО ги смета за одговорни за убистватa на речиси стотина луѓе, вклучувајќи косовски Албанци, Срби и Роми и луѓе од други националности, како и политички противници.

Ако обвинението во овој случај биде потврдено, на Тачи ќе му суди Специјалниот судски совет, според косовскиот закон. Тоа е совет составен од меѓународни судии во Хаг, што е оправдано, меѓу другото, и со потребата од заштита на сведоците.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.