Џонсон повторно воведува карантин поради ширењето на коронавирусот

Британскиот премиер Борис Џонсон ќе ги повика граѓаните да работат од дома и ќе воведе нови ограничувања за пабовите, баровите и рестораните во обид да го запре забрзаниот втор бран на ширење на инфекцијата.

Обраќајќи му се на парламентот во 13:30 часот, а потоа и на јавноста во 21 часот, Џонсон ќе воведе малку поблаг карантин отколку што беше во март.

„Знаеме дека нема да биде лесно, но треба да преземеме дополнителни активности за да го контролираме повторното ширење на инфекцијата и да го заштитиме државниот здравствен систем“, ќе рече Џонсон, според делови од говорот објавен од неговата канцеларија на „Даунинг стрит“.

Мерките следуваат откако водечките здравствени експерти предупредија дека Велика Британија ќе се соочи со експоненцијално зголемена стапка на смртност за неколку недели, доколку не се преземат итни мерки.

Новите случаи на Ковид-19 во Велика Британија се зголемуваат најмалку за 6.000 на ден, според податоците од минатата недела, приемите во болниците се удвојуваат на секои осум дена и системот за тестирање се распаѓа.

Само неколку недели откако ги повика граѓаните да почнат да се враќаат на работа, Џонсон ќе ги советува да работат од дома ако можат.

Исто така, ќе се нареди од четврток сите пабови, барови, ресторани и други угостителски објекти низ Англија да се затворат во 22 часот.

„Една од работите што ќе ја потенцираме е дека ако е можно да работиме од дома, ќе ги охрабриме луѓето да го сторат тоа“, изјави Мајкл Гоув, министер на кабинет, пренесува „Скај њуз“.

Иако милиони луѓе низ Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска се веќе под одредена форма на ограничување, не се очекува дека Џонсон ќе објави целосен карантин како оној во март.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.