Обвинителството во Турција подигна второ обвинение за убиството на новинарот Џамал Кашоги

Турското обвинителство подигна второ обвинение против шест осомничени Саудијци во врска со убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во 2018 година во Истанбул, пренесува „Дејли сабах“.

Обвинението против шесте осомничени лица кои се во бегство, вклучувајќи двајца вработени во Саудискиот конзулат, беше одобрено од Канцеларијата на јавниот обвинител во Истанбул и поднесено до Високиот кривичен суд бр. 11, каде што беше главниот претрес за случајот на 20-те обвинети.

Oбвинителството бара доживотни казни за тешко, монструозно убиство со намера против двајцата вработени во Конзулатот - Султан Јахја А. и Јасир Халир М. и затвор од шест месеци до пет години за четворицата други осомничени - Ахмет Абдулазиз М., Калид Јахја М., Мохамед Ибрахим А. и Обаид Гази А.

Според обвинението, двајцата вработени во Конзулатот биле во тимот што го извршил убиството и по убиството ја напуштиле Турција, а другите четворица осомничени се обвинети за напуштање на Турција по прикривањето докази со одење на местото на злосторството веднаш по убиството.

Новинарот на „Вашингтон пост“, Џамал Кашоги, беше убиен во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, каде што имал закажан состанок за издавање лични документи за венчавка.

По повеќедневното негирање, саудиските власти признаа дека Кашоги е убиен, а потоа судот во Саудиска Арабија им изрече смртни казни за петмината обвинети. Сепак, земјата одби да ги испорача осомничените, вклучувајќи ги и Ахмед ал-Асири, поранешен заменик-началник на саудиското разузнавање, и Сауд ал-Катани, поранешен советник на саудискиот престолонаследник, принцот Мухамед бин Салман.

Претходно овој месец, Кривичниот суд во Ријад ги преиначи смртните казни за обвинетите во затворски казни до 20 години, четири месеци откако семејството на Кашоги им прости на убијците и овозможи преиначување на казната. Судскиот процес во Саудиска Арабија беше масовно критикуван.

„ Саудискиот обвинител денес изврши уште едно дело во оваа пародија на правдата. Но, овие пресуди не носат легален и морален легитимитет“, рече Агнес Каламард, специјалната известувачка на ОН за вонсудски егзекуции.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.