Европските метрополи повторно во карантин

Eвропските метрополи - Мадрид, Париз, Лондон, како и десетици други градови низ ЕУ - од оваа недела повторно се под строг режим на ограничено движење на населението поради ширењето на епидемијата на коронавирусот.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, најави повторно воведување вонредна состојба и полициски час од 21 до 6 часот наутро во девет града со цел да се сузбие епидемијата.

„Мораме да реагираме“, рече Макрон нагласувајќи дека Франција не ја изгубила контролата над коронавирусот, но дека ситуацијата е загрижувачка.

Во Шпанија, по објавувањето на алармантната состојба, забрането е движењето на жителите на Мадрид внатре и надвор од главниот град доколку не е потребно, објави „Синхуа“.

Британската влада објави дека на жителите на Лондон ќе им биде забрането да се собираат во следните шест недели, почнувајќи од сабота.

„Во борбата против коронавирусот за Лондон ова е клучен момент“, рече градоначалникот Садик Кан.

Германската канцеларка, Ангела Меркел, и премиерите на 16 провинции се согласија да ги засилат мерките во врска со задолжителното носење маски и затворањето на баровите во областите каде што е забележано ширење на вирусот.

„Она што ќе го направиме во наредните денови и недели ќе биде одлучувачко за тоа како ќе поминеме за време на пандемијата“, рече Меркел на прес-конференција.

„Ние сме многу поблиску до друг карантин отколку што сакаме да веруваме“, рече премиерот на Баварија, Маркус Зедер, и предупреди: „Можеби не е пет до 12, можеби веќе дојде 12 часот“.

Канцеларката изјави дека ефективноста на мерките ќе се оценува континуирано и дека може да следуваат нови, пренесува „Ројтерс“.

„Ќе видиме дали денешните одлуки се доволни. Мојата загриженост не помина“, рече Меркел.

Во Италија во средата беше забележан рекорден пораст на бројот на заразени лица од почетокот на пандемијата во март - има вкупно 7.332, но односот помеѓу бројот на тестирани и заразени е низок процентуално.

Во оваа фаза особено загрижува состојбата во северната провинција Ломбардија, каде што има повеќе од 1.800 новоинфицирани за еден ден, од кои 1.032 беа нови случаи само во Милано. Координаторот на одделението за интензивна нега во Ломбардија, д-р Антонио Песенти, тврди дека не е исклучена можноста за воведување карантин за Милано.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.