Унгарија отстапува од регулативите на Брисел, Орбан бара одобрување на кинеската вакцина

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изрази надеж дека во рок од неколку дена, националниот регулатор на лекови јасно ќе одговори дали може да се користи кинеската вакцина против коронавирус.

Во обид да се забрза вакцинацијата, владата на Орбан во четвртокот објави дека се согласила да купи вакцина од кинескиот производител „Синофарм“.

Со репутација на земја која не се двоуми да отстапи од регулативите на Брисел, Унгарија на тој начин би станала првата членка на Европската унија што одобрила употреба на кинеска вакцина против Ковид-19.

Унгарија во четвртокот усвои декрет за набавка на вакцини надвор од централизираниот систем на Европската унија, откако нејзиниот министер за надворешни работи рече дека европскиот систем за снабдување е скандалозно бавен.

„Има повеќе од милион дози кинеска вакцина што може да се користат во рок од неколку дена“, рече Орбан.

Унгарските капацитети за вакцинација се далеку поголеми од количината што е достапна преку набавките обезбедени од ЕУ, објасни тој.

Досега, Унгарија вакцинираше повеќе од 105.000 луѓе (здравствени работници и жители на домови за стари лица) со вакцини од два производитела, односно вакцината на „Фајзер“ и онаа од „Модерна“.

„Доколку има доволно дози на вакцина, Унгарија би можела да вакцинира половина милион луѓе на ден“, рече Орбан.

Според истражувањето спроведено од Централниот завод за статистика во петокот, расте бројот на Унгарци склони кон вакцинирање, иако досега само 27 отсто од нив се цврсто подготвени за таков чекор.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.