Европската комисија: Западен Балкан да се стрпи за слободно патување во ЕУ

Европската комисија го поздравува напредокот на земјите од Западен Балкан во однос на епидемиолошката состојба и вакцинацијата, но вели дека регионот треба да биде трпелив сè додека, конечно, не биде ставен на списокот на безбедни земји чии граѓани нема да бидат ограничени при влез во ЕУ.

„Не сакаме да создадеме ситуација во која граѓаните на Западен Балкан ќе бидат третирани полошо отколку што дозволува здравствената состојба во регионот. Но, ЕУ не сака на кој било начин да го загрози напредокот што е постигнат во борбата против пандемијата и сето тоа со цел да се ослободи од сите ограничувања и да им се овозможи на сите можност да патуваат“, изјави портпаролот на Комисијата Аделбер Јанц , пренесува „Танјуг“.

На констатацијата на медиумите дека граѓаните на Западен Балкан се изолирани повеќе од една година и дека последните епидемиолошки податоци покажуваат оти земјите во регионот ги исполнуваат основните критериуми предложени од ЕК како услов за ставање на листата на безбедни земји , Комисијата одговори дека ги разбираат очекувањата на Западен Балкан, но исто така и дека на земјите членки е да донесат одлука за проширување на списокот, којшто се ревидира на секои две недели.

„Советот на ЕУ ја зема предвид целата листа на критериуми, не само вкупниот број на случаи по глава на жител, туку и трендовите на нови случаи, бројот на тестови, процентот на позитивни тестови и вкупниот одговор на Ковид-19. Тоа е повеќе глобално, а не чисто нумеричко оценување, што е целосно во рацете на земјите членки “, објаснува Јанц.

Тој потсетува дека Комисијата им препорача на земјите членки да дозволат патување во ЕУ за сите патници кои примиле вакцини одобрени од ЕМА и дека веќе е овозможено патувањето на голем број граѓани од Западен Балкан.

„Ние не ја доведуваме во прашање нашата посветеност кон Западен Балкан, особено кога станува збор за безвизното патување. Ние само се обидуваме да ја поттиснеме пандемијата, која продолжува да се заканува и покрај напредокот во здравствената заштита и вакцинацијата“, заклучи Јанц.

Комисијата додава дека прашањето за политиката на проширување на ЕУ и борбата против пандемијата не треба да се ставаат „во ист кош“, односно дека би било голема грешка на основа на политичките причини - како што е поддршката за проширување на Западен Балкан, да се занемарат воспоставените механизми за борбата против пандемијата.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.