Големо невреме во Крим, поројот носи сè пред себе

Едно лице загина во невремето што го погоди црноморскиот полуостров Крим. Водата од обилните поројни дождови се слева по планинските области на југот, патиштата се поплавени и повеќе од 1.500 луѓе се евакуирани.

Туристичката мека Јалта и областа околу пристаништето Севастопол во раните утрински часови биле облеани со количини на дожд што обично паѓаат за два месеца, наведуваат властите, а пренесува агенцијата ДПА.

Патиштата се блокирани на јужниот брег поради надојдената каллива вода.

Властите соопштија дека млад човек бил прва жртва на бурата. Руската агенција ТАСС објави дека тој бил однесен од поројот. Неколку лица се повредени.

Во источниот дел на полуостровот, водата се повлекува во градот Керч, по обилните дождови во четвртокот.

Обилните дождови што паднаа вчера принудија стотици луѓе да ги напуштат своите домови, оставајќи десетици илјади без електрична енергија.

Нејасно е колку дождот помогнал во надополнување на резервите на вода. Откако Русија го присвои полуостровот во 2014 година, Украина постепено го блокираше Севернокримскиот канал, кој обезбедува вода од Днепар и покрива 80 проценти од потребите за вода на Крим.

Поради постојаната суша и прекумерната употреба на подземните извори, вода се штеди со месеци, особено во јужниот дел на Крим, кој е популарна туристичка дестинација.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.