Словенечкиот премиер и министерот за одбрана добија писма со смртна закана
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 24 Октомври 2021
Словенечкиот премиер Јанез Јанша добил пратка со закана за смрт за нему и неговото семејство, а слична закана добил и министерот за одбрана Матеј Тонин. Според словенечката телевизија, премиерот добил смртни закани во пратка која била испратена на негова приватна адреса, што го потврдиле и од кабинетот на премиерот.
Полицијата го истражува случајот, пренесува Хина.
Медиумите објавија дека Јанша и Тонин во петокот добиле писма на нивните адреси, кои содржеле смртни закани и во кои имало „муниција од поголем калибар“, а заканите биле испратени и до членовите на семејството на Јанша.
Нова24.тв, основана од Словенечката демократска партија (СДС) на Јанша, вели дека ова не е првпат на ваков начин да му се закануваат на словенечкиот премиер.
Телевизијата на својот портал оцени дека е очигледно дека тоа е „последица на создавање психоза од мејнстрим медиумите“.
„ Дали конечно ќе ги отрезни оние кои се уште веруваат во добрите намери на потомците на комунистичката револуција“, се вели во текстот.
Јанша често ги обвинува мејнстрим медиумите дека од политички причини се на страната на левицата, која сака да ја собори неговата влада, како и тоа дека медиумите и левичарската опозиција стојат зад протестите кои бараат предвремени избори.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс