Уапсен православен свештеник во Атина, го нарече папата неверник

Папата Франциск денеска во Атина се сретна со архиепископот на Атина и цела Грција, Јероним.

Во моментот кога Папата влезе во резиденцијата на поглаварот на Грчката православна црква, се одржа протест на православен свештеник.

 

 

„ Папо, ти си еретик! свештеникот извикал три пати додека Франциск доаѓал во резиденцијата, пренесува АП.

Свештеникот паднал на земја, по што полицијата го привела, а, како што пренесува АП, се чинело дека поглаварот на Римокатоличката црква тоа не го ни забележал додека влегувал во резиденцијата на средба со грчкиот надбискуп.

Инцидентот уследи по малите протести на Кипар, каде папата претходно беше во посета, а чии жители Грци се исто така претежно православни, каде што папата повика на помирување меѓу православните и католичките христијани.

Денешната официјална посета на Грција е прва посета на папа од 2001 година, кога во Атина престојуваше папата Јован Павле Втори, кој тогаш се извини за гревовите што католиците ги направиле или пропуштиле за православните браќа низ вековите.

Папата Франциск денеска го повтори своето извинување пред Јероним и пред другите православни свештеници.

Двајцата црковни поглавари ги повикаа христијаните да работат заедно за заштита на животната средина и грижа за мигрантите, а Јероним рече дека целосно ги споделува ставовите на Папата за создавање силни врски за да се одговори на овие глобални предизвици.

Папата Франциск денеска пристигна во Атина, како дел од турнејата низ медитеранските земји за време на која сака да укаже на страдањата на мигрантите и бегалците.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.