Зеленски: Макрон залудно бараше излез за Русија

Макрон понуди решение за војната - Зеленски: „Не прифаќаме“

Францускиот претседател Емануел Макрон побара од Украина да направи отстапки во однос на нејзиниот суверенитет, потврди украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Како што пренесе „Политико“, Макрон побарал од Украина „да му помогне на рускиот лидер Владимир Путин да си го сочува образот“.

Во интервју за италијанската национална телевизија РАИ, Зеленски беше прашан за коментарот на Макрон претходно оваа недела за тоа како Европа мора да избегне да го понижува Путин.

„Сакаме руската армија да ја напушти нашата земја, ние не сме на руска почва“, рече Зеленски.

„Не сакаме да му помогнеме на Путин да си го сочува образот со тоа што ќе платиме со своја територија. Тоа би било неправедно“, подвлече тој.

Зеленски додаде дека Украина никогаш нема да ја признае руската анексија на Крим.

„Макрон залудно бараше излез за Русија“, рече тој.

Елисејската палата ги отфрли наводите на Зеленски.

„Претседателот на Републиката никогаш не разговарал за ништо со Владимир Путин без согласност на претседателот Зеленски и никогаш не побарал никакви отстапки од претседателот Зеленски. Тој секогаш велел дека Украинците треба да одлучат за условите на нивните преговори со Русите“, изјави денеска претставникот на Елисејската палата.

Говорејќи на церемонијата на затворање на Конференцијата за иднината на Европа во понеделникот, Макрон рече: „Европа никогаш не смее да подлегне на искушението на понижување или духот на одмазда по прашањето за руската војна против Украина“.

Макрон исто така рече: „Кога мирот ќе се врати на европско тло, ќе мора да изградиме нови безбедносни гаранции“. Ова беше протолкувано како показател дека Макрон се уште се обидува да постигне компромис со Путин.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.