Илон Маск ќе го прати првиот турист околу Месечината

Илон Маск, основачот и прв човек на компанијата „Спејс Eкс“ ќе праќа турист околу Месечината. Прв патник ќе биде богатиот јапонски бизнисмен Јусакa Маезава.

 

Цената на билетот за оваа вселенска екскурзија засега е тајна. Новиот проект и првиот турист Маск ги претстави на средба со медиумите, која се одржа во седиштето на компанијата во близината на Лос Анџелес. Јапонскиот милијардер истакна дека тоа патување е остварување на неговиот сон.

 

„Овој проект многу ми значи. Долго размислував за тоа колку е важно да се биде првиот патник што приватно ќе патува околу Месечината. Но, во исто време, размислувам и за тоа како ова може да биде од големо значење за светот и за светскиот мир“, рече Маезава.

 

Според плановите, летот треба да се реализира во 2023-та година, а јапонскиот турист билетот ќе го плати однапред. Иако цената не се открива, парите ќе бидат искористени за изградба и подготовка на ракетата „Биг фалкон“, која ќе треба да го однесе на оваа екскурзија.

 

Сепак, јапонскиот турист нема да слета на Месечината, туку само ќе орбитира. Маезава има 42 години и е сопственик на модниот бренд „Зозо“. Тој е познат како екстравагантен колекционер на уметнички дела. Со него ќе одат и неколкумина уметници, со цел да создадат заедничко дело „инспирација на сонувачот во секој од нас“.

 

Доколку плановите се реализираат, Маезава и неговите гости ќе бидат првите луѓе што патувале околу Месечината после мисијата Аполо во 1972-та година.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.