„Таргет-Тврдина": Мијалков го испрашуваше Костовски за „бомбите"

Во Кривичнот суд, во првиот дел од денешното рочиште за случајот „Таргет – Тврдина", обвинетиот Сашо Мијалков вкрстено го испрашуваше сведокот Звонко Костовски инженер во петтата управа во МВР.

 

Мијалков му поставуваше прашања во однос на тоа како се зачувувале снимените материјали од системот за следење на комуникации, за што Костовски кажа дека се зачувувале со преименување, односно дека се ставало името на говорниците и датумот на разговорот.

 

На прашање зошто се преземал ризик и од мемориски стик фајловите се префрлувале на ДВД и потоа се изнесувале од МВР, на што сведокот кажа дека така било договорено.

 

Во однос на тврдењето на Костовски дека тие разговори се снимени во МВР, Мијалков го праша дали може да го докаже тоа. Костовски одговори дека има неколку индикации за тоа. Прво дека со други системи не може да се постигне таков квалитет на разговорите. Исто така доколку има двојна линија, втората не се слуша. Трето, кога таргетот ќе заѕвони на некој со уредот се снимаат и разговори во просторијата, додека да крене соговорникот.

 

Се отвори дискусија за презентацијата на израелскиот систем за следење на комуникации, што била спроведена во МВР, во канцеларијата на Мијалков, при што Костовски наведе дека тој систем може да следи и до 30 броеви што во моментот остваруваат повик во радиус до еден километар од местото каде што е поставен уредот.

 

По неколку прашања во однос на системот, начинот на бирањето на броевите за следење, прописите за избор на броеви за следење, одобрувањето за презетација на системот… Костовски образложи дека не знае според кои прописи се одбираат броевите за следење, дека презентерите направиле случаен избор и дека слушале некој од тие броеви, објасни дека за да се следи комуникацијата на некоја личност на тој начин, човекот постојано физички треба да се следи.

 

Мијалков му постави неколку прашања на Костовски во однос на неговата затворска казна, поточно, дали ја отслужил целосно затворската казна, дали бил ослободен со аболицијата од претседателот, дали се вратил во затвор откако е укината аболицијата, Костовски кажа дека е вистина оти му била укината казната, но судечкиот совет одлучи другите прашања да не бидат одговорени.

 

Обвинетиот поранешен директор на УБК, поставуваше прашања во однос на тоа дали тој бил таргет во системот, на што Костовски одоговори дека не бил, туку, како што појасни Мијалков бил преслушуван како соговорник, односно биле експортитани неговите разговори.

 

Мијалков му посочи на Костовски дека во исказот кажал дека не земал пари за нелегално снимените разговори кои ги изнел од МВР за да послужат како доказ, нагласувајќи му дека сепак имал акции во вредност од 40.000 евра, на што Костовски кажа дека тоа не е вистина и оти Судот може да го провери тоа.

 

Рочиштетот продолжи со испитување на сведокот Сашо Трајковски, од страна на Специјалното јавно обвинителство.

 

Во предметот „Таргет-Тврдина" на СЈО се обвинети поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

 

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

 

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.