АСОМ: Црн ден за демократијата, без гласање и без ниеден прифатен амандман насилно се носи законот за игри на среќа

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) вели дека е срамен, недемократски и насилнички начинот на кој Комисијата за европски прашања без суштинска дебата и без гласање за клучниот амандман од кој зависи судбината на 10 илјади луѓе ја заклучи расправата по Законот за игри на среќа.

„Претседателот на комисијата за европски прашања, Арбер Адеми вчера го погази Собранието и ги лиши од право пратениците да гласаат за амандман поднесен од пратеник на мнозинството. Ваков опасен преседан и злоупотреба не е запаметена, а АСОМ ќе поднесе претставка до Уставниот суд. Погазени и прекршени се сите права и процедури на Собранието. Ова е црн ден за демократијата и последна потврда за сценариото кое со месеци се подготвуваше со цел реализација на бизнис интереси на малкумина. Ваков насилнички државен интевенционизам, не е запаметен, а последиците од овој автократски акт ќе има страшни последици“, велат од АСОМ.

Оттаму се обратија до претставниците на ЕУ во Македонија, пратениците, но и до претседателот на државата, Пендаровски, со цел да спречат овој закон да биде изгласан.

Почитувани, претставници на Европската Унија во државата, зошто го дозволувате ова? Зошто замижувате пред вакво политички насилство? Ова е последен момент да се вклучите и да го спречите ова што се случува во име на ЕУ. Овој закон е неевропски, недемократски и ваков закон не постои во ниту една земја од Европската унија!

Почитувани пратеници на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ , зошто дозволувате вакво недемократско насилие? Дали сте свесни за последиците? Со евентуално гласање на пленарна седница ќе одобрите уништување на животи на работници, отворање на игри во подруми на црно, богатење на малкумина. Во тешка заблуда сте ако сметате дека овој закон ќе донесе нешто добро, напротив ќе донесе влошување на состојбата со игрите на среќа и враќање барем 20 години на целата индустрија.

Претседателе Пендаровски, ви порачуваме дека не смеете да го потпишете овој закон доколку истиот се изгласа. Бидете барем вие заштитник на правдата и процедурите во оваа држава. Носењето на овој закон и се што му претходеше е целосно спротивно на сите правни и демократски процедури во една држава која претендира да се приклучи кон ЕУ. Застанете против ова политичко своеволие, поддржете ги оние кои чесно работат и придонесуваат во оваа држава“, пишуваат од АСОМ.

Асоцијацијата најави дека во следните денови ќе донесе одлуки како понатаму ќе се спротистави на носењето на законот.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.