Самит 100: Балканските градови ќе се поврзуваат со електрифицирани автопатишта

Самит 100

На 16 и 17 октомври во Скопје ќе се одржува шестиот годишен Самит 100, за бизнис лидери од Југоисточна Европа, во рамки на кој ќе се актуализира проектот за електифицирани автопатишта, во должина од 2. 400 км, со што ќе бидат поврзани сите поголеми градови во регионот.

 

Електрификација на автопатиштата во регионот за да се стимулира употребата на електрични автомобили, она што е тренд во светот, е проектот чија реализација ќе биде најавена на Самит 100 што ќе се одржи во Скопје на 16-ти и 17-ти овој месец. 


Средствата за реализација на проектот Едисон, како што беше посочено на денешната прес конференција за претстојниот Самит 100 во Скопје, се обезбедени од ЕУ.


Планирано е да се воведе електрификација на патна инфраструктура во должина од 2.400 км, што ги поврзува сите поголеми градови од регионот.


Ова е регионален проект што е произлезен од иницијативата Самит 100, чија платформа е настаната во Словенија 2015 година. 


Поврзувањето е клучниот збор на Самит 100 во Скопје, поврзување во различни области и на различни нивоа.


Според претседателот на УО на Самит 100 и генерален директор на Алкалоид, Живко Мукаетов, настанот е уникатен и отвора можности за вистинска поврзаност и искористување на заедничкиот потенцијал на земјите од регионот.


Програмата на Самит 100 е поделена во два дена. На денот на отварањето учесниците ќе имаат можност да дискутираат за важноста од поврзувањето на регионот, развојот на зелената мобилност како можност за брз раст, слободното движење на стоките и услугите и како локалните идеи можат да постигнат глобален успех. На вториот ден учесниците ќе бидат ангажирани во пет креативни работилници посветени на енергетиката, економијата базирана на знаење, брендирање на производите од секторот храна и пијалаци, како и дигиталната економија и туризам.


Самитот официјално ќе го отворат претседателот на Бордот на Самит 100 Живко Мукаетов и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, а ќе биде одржан и панел со премиерите на земјите од регионот. Потврдено е присуство на премиерот на Македонија, Албанија, Црна Гора, Косово и Хрватска, се очекува потврда и од БиХ.


Јелена Радуловиќ програмски директор на Самит 100 истакна дека од година во година Самит 100 напредува и секогаш му се додава по некоја нова димензија на иницијативата.


Како резултат на оваа иницијатива се реализира проектот Феникс преку кој градежни фирми настапуваат заеднички на пазарите во арапскиот свет и во Русија.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.