Со грант од ЕУ ќе се подобрува конкурентноста во туризмот

Развој на туризмот

Со грант од Европската унија преку ИПА 2 Програмата во износ од 18 милиони евра и учество на Владата од 3,2 милиони евра ќе се подобрува конкурентноста на туризмот во Македонија.


Вториот јавен повик за доделување на грантовите е веќе објавен, а на него можат да конкурираат општините за инфраструктурни инвестиции, организациите од туристичкиот сектор, образовните установи и центрите за обука, како и локални мали и микро претпријатија од областа на туризмот.


Како што кажа вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на денешната прес-конференција во Владата, средствата што ќе се доделуваат преку Проектот за локална и регионална конкурентност за општините ќе бидат во висина од еден милион евра доколку настапуваат сами или три милиони евра ако настапуваат регионално. Од нив, 90 отсто ќе бидат грант, а 10 отсто сопствено учество.


За организациите од туристичкиот сектор, образовните установи и центрите за обука грантот изнесува 50 илјади евра за еден барател или до 150 илјади евра за два и повеќе баратели, од кои 90 отсто ќе бидат грант, а 10 проценти сопствено учество.


За локалните микро и мали претпријатија грантовите ќе бидат во износ до 100 илјади евра за еден барател или до 300 илјади евра за повеќе баратели, но кај нив 50 отсто ќе биде грант, а 50 отсто сопствено учество.


Огласот за аплицирање е отворен денеска, а изјавување на интерес заинтересираните треба да пројават најдоцна до 30 април годинава. Квалификуваните братели ќе започнат со подготовка на целосни предлози до 28 мај годинава, а поднесување за целосни предлози за инфраструктурни инвестиции ќе биде до 6 август, за организации од туристичкиот сектор, образовните установи и центрите за обука до 16 јули, а за локални микро и мали претпријатија до 23 јули годинава.


Приоритет, како што истакна вицепремиерот Анѓушев, ќе имаат општините кои веќе имаат готови проекти, а за оние кои немаат подготвено проектна документација предвидена е техничка помош за да ги подготват проектите.


Во насока на обука на заинтересираните за учество на јавниот повик денеска во Владата се одржува трибина на која ќе им бидат претставени деталите на градоначалниците и претставниците на туристичките компании од земјава.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.