„Букви за уживање" - инсталација на македонски автори на фестивалот „Сигет"

„Pleasure letters“

Архитектката Марија Христовска-Стевковска и ликовниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ со архитектонско-скулптурална инсталација „Pleasure letters“ (Букви за уживање) учествуваат на 25-тиот музички фестивал „Сигет“ во Будимпешта, кој се одржува од  9-ти до 16 август.


Инсталацијата е дел од програмата на фестивалот „Art of Freedom“ која им овозможува на младите креативци да ги презентираат своите идеи и таленти. 


- Инсталацијата функционира и како уметничко дело, и како дел од забавните содржини на фестивалот. Таа претставува собиралиште на посетителите и вклучува различни содржини. Иницијалната идеја произлегува од користењето/играњето со буквите од името на фестивалот. Секоја буква е пресоздадена во објект/простор за различни активности: одмор, дружење, интерактивно фотографирање, игра итн. Изработени се шест објекти со вкупна должина од 25 метри. Изработени се од различни материјали: метал, дрво, пластика, дигитални отпечатоци со цел да одговараат на различни намени, изјави Јовановиќ. 


Проектот на Христовска-Стевковска и Јовановиќ во февруари беше избран на конкурсот на фестивалот „Сигет“. Авторите неколку месеци ги изработуваа буквите-објекти во Скопје и Охрид, со поддршка на „Урбана оаза“ - фирма специјализирана за изработки од метал,  „Форма“ - фирма за изработка на мебел, и на ПроМедиа - студио за печатење и графички услуги. 


Музичкиот фестивал „Сигет“ минатата година имал околу половина милион посетители, а годинава главни ѕвезди на музичката програма се PJ Harvey, Rudimental, The Klips... Изминатите години и македонски музичари учествувале на фестивалот, а ова е првпат македонски визуелни автори да добијат можност да се претстават во рамки на ликовната програма.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.