Гран при за Мице Јанкуловски на Меѓународното биенале за графика во Варна

Мице Јанкуловски

Македонскиот автор Мице Јанкуловски е добитник на Гран при наградата на 19. Меѓународно биенале на графика 2017 што се одржува во Варна. „Големата награда на градот Варна“ е највисокото признание на биеналето, кое со одлука на интернационалното жири ја доделува градоначалникот на овој град.

 

Од пристигнатите 685 дела на биеналето за изложба и претставување во каталогот беа селектирани 475 дела од 350 автори од 57 држави.

 

Делото на Јанкуловски е концепт од пет графики насловен „Формите на Венеција“ (сериграфии со апликација на флок, отпечатени во серија од 10, секоја со дименизии 100х70 см), куратиран од познатиот историчар на уметност и куратор Енцо ди Мартино од Венеција. Графиките можат да се разгледуваат поединечно, но најдобро функционираат во заеднички концепт. Беа печатени во познатото графичко студио „Фалани“ во Венеција и промовирани во нивниот центар за уметност на 19 јули годинава.

 

Меѓународното биенале на графика во Варна спаѓа меѓу најрепрезентативните форуми на современата графичка уметност во Бугарија и меѓу десетте најавторитни и највлијателни уметнички настани во оваа област во светот. Неговата главна цел е да ги претстави како класичните техники, така и тековните трендови и современи достигнувања во графичка уметност.

 

Организатори на биеналето според статутот се Општина Варна, Министерството за култура на Република Бугарија и Сојузот на бугарските уметници СБХ / Union of Bulgarian Artists UBA, додека директен организатор на изложбата е Галеријата за графичка уметност во Варна.

 

Извор: МИА





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.