Свечено отворање на 58. издание на Фестивалот „Охридско лето“

Охрид од вечерва се до 20 август ќе ги живее своите 40 дена возбуда што ги носи Фестивалот „Охридско лето“. Повеќе од 800 уметници од 27 земји од целиот свет по 58-ми пат наредните месец и половина ќе музицираат, глумат, творат на неколкуте фестивалски сцени во Охрид...

 

Во текот на престојните фестивалски вечери, „Охридско лето“ ќе донесе совршен спој на музиката, театрот и воопшто на уметноста. Ќе настапат звучни имиња од светот на музиката, но и најдобрите театарски продукции со извонредни драмски проекти. Предвидени се и три изложби,  ликовна, изложба на фотографии и на современ накит.

 

Свеченото отворање на нашата најзначајна музичко-сценска манифестација традиционално започнува на големата сцена на Античкиот театар. Овојпат сцената на Антички резервирана за големите оперски ѕвезди, сопранистката Елена Мошуц и тенорот Калин Братеску, под диригентската палка на Николае Молдовеану и во придружба на оркестарот на Македонската филхармонија.

 

Фестивалот за отворен ќе го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот на државата Ѓорге Иванов, а обраќање пред публиката на отворањето ќе има и министерот за култура на Република Македонија, Асаф Адеми. Уметничката порака годинава ќе ја пренесе познатиот македонски актер Никола Ристановски.

 

По традиција, во рамки на „Охридско лето“ ќе настапат и голем број домашни уметници од Македонската филхармонија, Македонската опера и балет и Музичката младина на Македонија.Според в.д. директорката на „Охридско лето“ Сузана Вренцовска, сите сцени и простори каде што годинава ќе се одржуваат музичко-сценските настани на фестивалот се оспособени за уметниците, како и за посетителите кои секоја година ги има во голем број, а како што најави, од следната година е планирана  изградба на монтажно гледалиште кое ќе може да се поставува насекаде, со што ќе можат да се одржуваат настани на секое соодветно место во градот.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.