Талат Џафери, директорите и УО на Фондот за здравство да си го загреат столчето, платите да се усогласат или генерален штрајк од 1 јуни, најави Синдикатот

Од 1 јуни повторно постои можност вработените во Фондот за здравствено осигурување во целата земја да престанат со работа, како во февруари годинава, кога запреа сите исплати од оваа институција.

Некои од вработените денес излегоа на предупредувачки протест пред Фондот за здравствено осигурување во Скопје и повикаа да се одреди бодот по кој ќе им се пресметува плата кој засега е извесен само до крајот на мај, да се направи усогласување на нивните плати со минималната и да се разреши сегашниот Управен одбор оти не постапува по барањата на вработените. Доколку не им се исполнат барањата, на 15 мај ќе почнат предупредувачки протести, а на први јуни ќе стапат во генерален штрајк.

„Бидејќи сега веќе доаѓаме во цајтнот период каде што треба да се донесат и одлуки за усогласување на платата, како и вредност на бодот по 1 јуни, ние сакаме да го предупредиме овој состав на Управниот одбор да седне, да си ја сработи работата да си ги донесе одлуките и да не нè држи повеќе во неизвесност. Со оглед на тоа дека самите најавиле дека немаат намера до формирање на нова влада да донесат никаква одлука по овие прашања, останува прашањето зошто воопшто постои Управниот одбор. Би било поетички сите да си дадат оставки, а на нивно место да си дојдат лица кои ќе си ја работат работата односно ќе си ги заработат парите кои им се дадени. Доколку ова не се случи до 15 мај, ние од 15 мај ќе почнеме секој ден, во сите градови во Република Македонија по еден до два часа да имаме предупредувачки протести, а отсега најавуваме дека од 01.06. ,доколку не е решено прашањето, стапуваме во генерален штрајк“, рече претседателот на Синдикатот на вработените во Фондот за здравство, Бранко Аџигогов.

Минатиот петок Синдикатот предложил точка на дневен ред на седница на Управниот одбор на Фондот да биде пресметката на бодот за вработените оти бодот е извесен само до крајот на мај со временото решение од Владата по штрајкот во февруари, а посочиле и дека платите треба да се усогласат со минималната плата, односно да се зголемат за 2392 денари по лице. Управниот одбор без образложени ја одбил точката, па вработени ќе знаат по кој бод им се пресметува плата само уште за месец мај.

Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ, на денешниот протест јавно ги повика Владата и техничкиот премиер да најдат решение и да не дозволат Фондот за здравствено осигурување да ги затвори вратите.

„Да искористам прилика да ја повикам Владата на чело со Талат Џафери, раководството на Фонд за здравство, сепак и овој Управен одбор, додека не го разрешат, да си го загреат столчето. Видоа што се случи во февруари кога Фондот за здравство штрајкуваше само два дена. Ги повикувам сите одговорни да не дозволиме овие вработени зад нас да ги затворат вратите бидејќи ако ги затворат вратите ќе патат само граѓаните на Република Македонија. Знаете какви услуги се даваат од Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Помагаме и работиме за најлошите случаи во државата. Апелирам до сите надлежни, не бараме ништо, бараме да ни останат платите исти како што се сегашните и бараме усогласување со пораст на минимална плата од 2400 денари. Ако тоа е проблем за 800 вработени, што правиме понатаму“, рече Деаноски.

Во февруари годинава во Фондот ширум земјава ги затворија шалтерите оти Управниот одбор прифатил препорака од Владата  да им се намалат платите на сите вработени за 21 отсто. По два дена штрајкување Владата даде препорака платата да им остане иста, да не се намалува, но само до крајот на мај. Тогаш Синдикатот не го прекина, туку го само го стави во мирување штрајкот кој продолжи денес, а доколку не им се исполнат барањата платата да остане иста, да се усогласи со минималната и Управниот одбор да си поднесе оставка, од 15 мај ќе штрајкуваат по еден до два часа, а од 1 јуни престануваат со работа.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.