Обвинителството анализира докази за Палчо кои не може да бидат споделени со јавноста

Љупчо Палевски-Палчо, првосомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, по синоќешната екстрадиција, го издржува 30-дневниот притвор што му беше одреден во отсуство. Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје продолжува да презема истражни дејства во предметот за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

За петмина осомничени, од кои тројца соизвршители во тешките кривични дела – две грабнувања и две убиства на свиреп начин, еден осомничен за помагање при грабнувањето малолетно лице и еден осомничен за помагање по извршеното кривично дело, истрагата е во завршна фаза.

„Врз основа на меѓународната потерница издадена по наредба на Основното јавно обвинителство Скопје, Република Турција вчера го екстрадира првиот осомничен за кривичните дела. По барање на јавниот обвинител, за него веќе е определена мерка притвор, која веднаш почна да се применува. Во однос на ова лице, јавниот обвинител презема истражни дејства на прибавување и анализа на докази, кои во оваа фаза на постапката не може да бидат споделени со јавноста“, соопштија од Јавното обвинителство.

Љупчо Палевски-Палчо, осомничениот за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, ја помина првата ноќ во затворот во Шуто Оризари по вчерашната екстрадиција во Македонија.

По речиси 5 месеци од неговото апсење во турскиот град Баликесир, тој вчера беше спроведен со редовен лет на скопскиот аеродром.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.