Како правилно да постапите со е-отпад и кои се придобивките од неговото рециклирање

Рециклирање е-отпад

Црно-бели телевизори, телефони, батерии и многу други стари или хаварисани електрични уреди речиси секојдневно можат да се видат на улиците и зелените површини во метрополата. Нивното фрлање во контејнер за отпад е казниво, а многу малку граѓани имаат навика овој е-отпад да го однесат во специјализирано депо за таа намена.

 

Во последната деценија, технологијата се менува со навистина брзо темпо што значи дека со истото тоа темпо таа застарува. Кога технологијата ќе застари и ќе стане неупотреблива, често знаеме да ја оставиме во некој ќош од подрумот, а притоа да не сме свесни за штетата која може да ја предизвика. Во многу случаи, видливиот дел на електронскиот производ е неговата надворешна школка. Освен ако обвивката е скршена ние ретко можеме да ги видиме огромниот број на електронски плочи, жици и електрични приклучоци кои прават всушност уредот да функционира. Но тие внатрешни механички органи исто така се и токсични. Збир од тешки метали и други хемиски соединенија има во нашиот лаптоп или телевизор.


Е-отпадот содржи состојки како олово, жива, арсен, бакар, хром, никел и цинк кои претставуваат потенцијални ризици по нашето здравје. Е-отпадот е токсично наследство на нашата дигитална ера. Нашиот електричен отпад ја загадува водата за пиење и му штети на целиот екосистем во светот. Материјалите од кои се изработуваат електронските и електрични апарати на денешната технологија можат да бидат токсични за луѓето и околината. За среќа, тие се рециклираат и можат да се пренаменат. Овој вид на отпад не смее да заврши на депониите.


Во продолжение ќе ви претставиме неколку начини како едноставно да се ослободите од електронскиот и електричен отпад и да помогнете во зачувувањето на здравата и чиста животна средина. Најпрво треба да се информирате што претставува е-отпад и кој е колективен постапувач со е-отпад во вашата општина. Однесете го вашиот стар телевизор, акумулатор или сличен дотраен електронски или електричен уред до најблиското општинско собирно место за Е-отпад или информирајте се како да постапите со ваков вид отпад. Сите искористени батерии, неупотребливи компјутерски делови, телефони и слични производи, селектирајте ги и отстранете ги од домовите.


Придобивките кои ги имате од рециклирање на е-отпад се зачувување на природните ресурси бидејќи рециклирањето обновува вредни материјали од стара електроника што може да се користат да се направат нови производи, како и заштита на околината, затоа што безбедното рециклирање на застарена електроника промовира здраво управување на токсични хемикалии како што се олово и жива.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.