Одбележан светскиот ден на видот

Светски ден на видот

Македонија го одбележа Светскиот ден на видот со спроведување бесплатни лекарски прегледи во Специјалната очна болница „Деница“. На овој начин, велат докторите, се подигнува свеста кај пациентите да се грижат за сопствениот вид.

 

„За жал, состојбата со очните болести во Македонија е критична. Проблемот со дијабетесот и моменталните кризи со инсулин, директно, влијаат на очните болести. Глаукомот, исто така, треба да се открива при секојдневни рутински прегледи. Очекуваме да се посвети поголемо внимание на операциите на задниот сегмент на окото и да се почитуваат стандардите согласно Протоколот за операции на катаракта“, рече д-р Наум Трпеноски од „Деница“.

 

Повеќе од 50 пациенти ја искористија денешната можност за бесплатен офталмолошки преглед во болницата каде што беа констатирани очни болести кај пациентите како што се катарактата, глаукомот и корекција на рефракциските аномалии.


Според податоците на Светската здравствена организација, 80% од сите оштетувања на видот може да се превенираат и да бидат излечени, а стратегиите за превенција на оштетувања на видот и превенцијата на слепилото се меѓу најевтините инвестиции во здравствената заштита.

 

Светскиот ден на видот се одбележува секоја година вториот четврток од октомври и е посветен токму на нашето најдрагоцено сетило. Целта на одбележувањето на овој ден е подигнување на јавната свест за слепилото и оштетувањата на видот како главен меѓународен јавен здравствен проблем, влијание врз државните политики со цел поголема соработка и учество во доделувањето средства за национални програми за превенција на видот, како и едукација на граѓаните за можностите за превенција на слепилото.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.