Поенти референдум: Со заедничка идеја за македонската иднина во ЕУ и НАТО

Местото на Македонија е да биде интегрирна во европскиот свет. Недела, 30 септември е ден за гласање, секој глас е важен, секој да се охрабри, бидејќи од нас зависи.

 

Само со индивидуален граѓански ангажман и со заедничка идеја за македонската иднина во ЕУ и НАТО може да успееме, порачаа поддржувачите на референдумот на маршот за европска Македонија во Скопје.

 

- Сонуваме сите 27 години и денеска конечно сме исправени да го оствариме нашиот сон, да обезбедиме европска иднина за нашите деца и генерациите после нас. НАТО и ЕУ не поврзува сите, затоа оваа аспирација конечно имаме шанса да ја зграпчиме и бидеме горди оти сме успеале, истакна премиерот Зоран Заев на граѓанскиот собир пред седиштето на Делегацијата на ЕУ, во организација на Коалицијата Заедно за европска Македонија. Илјадниците граѓани, рече Заев, излегле да испратат сериозна порака во вистинско време, порака дека сакаме иднина, дека сакаме европска Македонија!

 

- Ова е одговорност на нашата генерација. Од нас зависи иднината на нашата Македонија, на нашите деца. Никој друг за нас не може да ја донесе оваа одлука. Јас знам дека нашиот мултиетнички народ е исправен сериозно пред крупна одлука и ќе се носи со сериозноста на одлуката. Ќе обезбедиме иднина на нашите деца. Ќе обезбедиме иднина на Македонија, порача Заев.

 

Тој посочи дека патриотизам е да си ја зачуваме иднината на нашата татковина, НАТО и ЕУ се единствениот пат и нема алтернатива.

 

- Поучени од овие 27 години донесовме одлука храбро. Пред се и пред нашите политички партии ја ставивме Македонија. Склучивме договор и стекнавме пријател. Сите мора да знаеме дека договорот е фер и праведен. И двете страни подеднакво добиваат. Ве уверуваме дека со Договорот двете страни добија и овој договор обезбедува перспектива, пријатлество, развој и европска иднина, порача Заев. Не само што успеавме да го заштитиме нашиот идентитет и јазик, туку, нагласи Заев, успеваме и да го потврдиме и зајакнеме. Премиерот ги повика сите неопределени и им порача дека не постои резервна варијанта и оти само преку референдум и одлука на граѓаните ќе имаме европска иднина.

 

- Дома не се седи, не се бараат изговори, затоа што се работи за идинаната. Ова е обврска и право на секој граѓанин. Наша одговорност пред нашата татковина. Ова е наша и граѓанска и родителска одговорност за иднината на нашата европска Македонија, истакна Заев. Претседателот на Собранието Талат Џафери, ги повика сите на 30-ти септември да им подарат на генерациите по нас достоинствена татковина, татковина која нема проблем ниту со историјата, ниту со географијата, татковина која е заедничка и рамноправна за сите.

 

- Мојот избор одамна е, гласам ЗА европска Македонија за држава во која ќе можеме Европски да живееме, а не да тежнееме да одиме во Европа, рече Џафери. Длабоко сум убеден, нагласи Џафери, дека ние ќе бидеме уште посреќни по 30-ти септември, а часовникот на историјата ќе тропне и на совеста на оние што без некоја рационална причина се двоумат да кажат Да на евроинтеграциските процеси на земјата. На собирот во Скопје новинарот Томислав Кежаровски, кажа дека е време да се свртиме кон иднината, оти Македонија треба и мора да иде напред.

 

- На 30 септември јас ќе заокружам за, за промена кон подобро. Јас ќе заокружам за, за држава каква што заслужуваме, порача Кежаровски. Професорот по меѓународни односи на Универзитет Џорџтаун, Чарлс Купчан смета дека референдумот претставува историска пресвртница за Македонија.

 

- Успешен резултат значи отворен пат за членството на Македонија во НАТО и убрзување на евроатлантската интеграција на земјата. Успешен резултат претставува голем исчекор напред не само за Македонија, туку и за поширокиот регион. Македонија ја чека уште многу домашна работа како унапредување на демократските институции, подобрување на економијата, искоренување на корупцијата и консолидација на навиките да управува со плурализамот, вели Купчан за МИА. Убеден сум дека на крајот, како што додава тој, дека целиот регион ќе биде интегриран во НАТО и ЕУ.

 

- Македонците не можат да си дозволат да ја испуштат оваа шанса, вели Купчан за МИА.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.