Димитров: Ги отворивме вратите за НАТО, пред волјата на народот не може да се замижи
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 17 Септември 2018
Членството на Република Македонија во НАТО ја зацврстува нејзината безбедност и стабилност, не прави попредвидливи и носи многу инвестиции, а таа стабилност и основните постулати на демократијата, слободни медиуми, функционални институции не прави многу поподготвени за европскиот пат.
Ова се клучните придобивките од членството во Алијансата, за кои говореше на денешната дебата на тема „Дебатираме за НАТО“ во организација на Инфо центарот за евроатлантски интеграции, со поддршка на МНР и амбасадата на Холандија.
- Членството значи дека нашата Македонија е тука да остане во овие граници. Ја зацврстува стабилноста безбедноста и предвидливоста и затоа носи меѓу другото странски инвестиции, потенцира Димитров, додавајќи дека со зачленувањето во НАТО ќе имаме една област во која ќе бидеме најобучени и екипирани и тоа ќе биде нашиот суштински придонес кон Алијансата.
На контратезата за дебатата, од кого се плаши Македонија, опкружена од земји членки на НАТО, Димитров посочи дека има психолошка порака во однос на сите граѓани тука и во однос на сите наши соседи што е важна „ја преминуваме линијата од која нема враќање назад“.
Потсети дека Македонија е ветеран во патот кон НАТО со 18 акциски планови за членство, а од 2002 година сме во Авганистан. Оваа година, информира, за 20 отсто ја зголемивме контрибуцијата.
- Го споделуваме тоа долги години, а не ги споделуваме бенефитите, рече Димитров.
На прашањето дали има друг начин за членство во НАТО, Димитров потенцира дека долго време ни требаше да го најдеме патот, се обидовме со правни аргументи, добивме спор, ама правната пресуда не ја смени политичката реалност.
- Се обидовме со расправање и тоа не ни помогна многу, напротив. Практично да седиме на иста маса со НАТО членките меѓу кои и Грција, треба да не сакаат, а за тоа треба да бидеме пријатели и да најдеме разбирање. Тоа го направивме во еден тежок процес, заштитувајќи го она што ни е најважно, правејќи компромис за тоа што беше најважно за Атина. Акцентот беше на две различни точки и тоа е основата на овој договор. Нас ни беше најважно идентитетот и затоа во договорот има јасна формулација за македонски јазик и јасна формулација за македонски народ со своите атрибути. Нив им беше важно дистинкцијата да биде појасна од што е да биде географска и таа да биде за севкупна употреба. Тоа е суштината на овој договор, појасни шефот на македонската дипломатија.
Според него, членството на Македонија може да се случи кон крајот на идната година, а може да биде и на почетокот на 2020 година.
- Се надевам дека на 30. септември, по овој првичниот од поранешниот вицепремиер Тодоров ќе има повеќе гласови од опозиција особено што од 2005 годиона во сите програми на опозициските партии стои дека се за референдум, а во последната програма не се споменува ниту цензус, туку се споменува мнозинството на граѓаните што ќе излезат. Народот зборува преку гласање, референдумот е волјата на народот и не може да се замижи и да се бега. Политичарите не смеат да си ја пикаат главата во песок. Нема враќање од клучни историски моменти, рече меѓу другото на денешната дебата министерот Никола Димитров.
Тој спомена дека ако за нешто се согласуваме тоа е оти иднината на Македонија е во НАТО и во ЕУ. Нема политичка партија од независноста во 1991 година до денес, која, подвлече, не ги има овие две стратешки цели во својата програма.Посочи дека поддршката од граѓаните се движела од 60 до 80 проценти.
- Во последните месеци поддршката расте бидејќи членството е поопипливо со надминувањето на разликата за името со нашите пријатели од Атина, рече Димитров.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс