Бруцошите го започнаа студирањето
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 01 Октомври 2018
Првиот академски час на Економскиот факултет, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ симболично го отвори ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски.
Бруцошите, со пригодна свеченост ги пречекаа и деканот, како и продеканите на факултетот, кои им посочија дека единствено со одговорност и посветеност се постигнува успех, а потоа им ги врачија и препознатливите црвени индекси.
Новите студенти, возбудени, со нетрпение чекаа да ги заземат своите места во предавалните и амфитеатрите. Очекуваат успех во студирањето, како и во понатамошната кариера.
На државните универзитети годинава се отворија места за вкупно 21.778 бруцоши. На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ примаа 11.661 студент, на „Гоце Делчев“ во Штип годинава имаше место за 5.037 бруцоши, на битолскиот ,,Св. Климент Охридски“ - 3.635 студенти, на Државниот универзитет во Тетово имаше место за 3.185 бруцоши, а на „Мајка Тереза“ во Скопје – за 1.445 студенти.
Квотите не беа пополнети секаде. Според податоците на Државниот завод за статистика, во академската 2017/2018 година биле запишани вкупно 56.941 студент, што било за 2 отсто помалку во споредба со претходната година.
Најголем процент – 85,7 отсто биле запишани на државните високообразовни установи, а 13,9 отсто студирале приватно. Академската година 10 години почнуваше на 15 септември, но во согласност со новиот Закон за високото образование академската година започнува на 1 октомври, како што беше во минатото.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс