Иванов: Реалност е дека референдумот не успеа
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 01 Октомври 2018
Тивкото мнозинство одлучи, реалност е дека референдумот не успеа. Не се обидувајте да ја измените оваа реалност, порача денеска претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето до јавноста.
- Не се обидувајте да ја измените оваа реалност, не ја потценувајте суверената волја на македонскиот народ. 36,9 отсто излезеност не е волја на народот, туку 63,1 отсто кои не излегоа. Реалност е дека референдумот не е успешен. Време е за одговорност. Поддршката за ЕУ и НАТО од над 80 отсто ја сведовте на само 36,9 отсто. Ги манипулирате и нашите граѓани и нашите европски и евроатлантски партнери. Им пласирате лажни перцепции, рече Иванов.
Референдумот не е анкета, истакна Иванов и додаде дека одлуката на граѓаните обврзува.
- На референдумот вие граѓаните непосредно ја остварувате вашата суверена власт. Собранието таа одлука мора да ја почитува, рече Иванов.
Додаде дека само цврсто сплотени околу „нашите државни интереси, почитувајќи го уставниот и правниот поредок може да го изодиме патот до европското и евроатлатското семејство“.
- Немаме дилеми дека местото на Република Македонија е во ЕУ и НАТО. Но, таму треба да влеземе со нашето човечко достоинство, без уцени, притисоци и двојни стандарди. Само така ќе можеме да се справиме со двата големи предизвика, рече тој.
Првиот, додаде се сериозни и темелни реформи во сите сегменти, а вториот одново да постигне национален консензус „за да можеме со еден глас и сплотени да настапуваме во бранењето на нашите државни интереси и остварувањето на нашите стратешки цели“.
Истакна дека очекува од ОБСЕ-ОДИХР сериозно да ги земе предвид приговорите околу нерегулартности на некои избирачки места.
Повика, како што рече, владејачкото мнозинство да понесе одговорност за неуспешниот референдум.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс