Димитров: Должност е да се оди напред со или без нови избори

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров истакна денеска дека со убедливото мнозинство граѓани кои излегоа да гласаат на референдумот и дадоа поддршка за Договорот од Преспа, должност е да се оди напред со или без нови избори.

 

Тој денеска на својот Фејсбук профил објави статус насловен „Факти за референдумот“.

 

- Да имаше еден, ЕДЕН глас ПРОТИВ повеќе, ќе се поклоневме и ќе креневме раце. Но, со вака убедливо мнозинство „ЗА“, наша должност кон народот е да најдеме начин да зачекориме напред, без или со нови избори, вели шефот на дипломатијата.

 

Тој во статусот говори за конкретни бројки на референдумот, за реалноста на избирачкиот список, за карактерот на рефрендумот и за неговата вклученост во програмата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ...

 

- Дали е факт дека на референдумот не гласаа повеќе од половината граѓани (903.169) од вкупно запишаните на избирачкиот список (1.806.336)? Да.  Дали е факт дека избирачкиот список не е воопшто реален, ако се земат предвид податоците на Фондот за здравствено осигурување? Да. 416.382 се малолетни лица, без право на глас, од вкупно 1.872.466 осигуреници. Дали стотици илјади граѓани ни се иселени? Да. Дали е факт дека референдумот беше консултативен, односно незадолжителен? Да. Дали е факт дека без формална излезност, одлука на народот, одлуката се враќа на институциите? Да. Дали е факт дека со постигната излезност беа потребни само 441.585 гласови ЗА? Да. Дали е факт дека имавме 609.813 гласови ЗА? Да. Тоа значи дека не ни требаа повеќе гласови ЗА, туку повеќе гласови ПРОТИВ. Дали е логично да фалат гласови ПРОТИВ, за резултатот да биде ЗА? Не е, нагласува Димитров.

 

Тој прави паралела со парламентарните избори во 2016. и локалните во 2017.

 

- Дали е факт дека 609.813 граѓани се поголемо мнозинство од сите граѓани кои гласале на парламентарните избори во 2016 (1.191.854) и од сите кои гласале на локалните избори во 2017 (1.079.876)? Да, пишува министерот за надворешни работи.

 

Продолжува со појаснување на успешноста на референдумот во програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

 

- Дали е факт дека во програмата на ДПМНЕ на страна 295 пишува дека референдумот ќе биде успешен доколку го поддржат мнозинство од граѓаните кои ќе ИЗЛЕЗАТ да гласаат, а не мнозинство од запишаните на избирачкиот список? Да. Еве цитат: “ВМРО-ДПМНЕ, како одговорна и народна партија, нема да дозволи кое било решение за спорот кој го наметна Грција, да биде прифатено од страна на политичари поединци, Влада или Собрание, без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум, а при тоа мнозинството од граѓаните кои ќе излезат на референ - думот да се согласни со можното решение, пишува Димитров.

 

Министерот нагласува дека прашањето за референдумско консултирање на граѓаните за прашањето за името било воведено и од сегашната опозиција, која сега, како што напиша решила да „апстинира“.

 

- Дали е факт дека се плашеа од пораз и решија да не учествуваат (секоја чест на исклучоците) и да се кријат зад иселените, кои решиле да си ја бараат Европа надвор од Македонија? Да. Дали е факт дека ова мнозинство граѓани, кое би победило и на парламентарните во 2016 и на локалните во 2017 сака Македонија да оди напред? Да. Дали Собранието ќе најде сила да го слушне гласот на мнозинството? Гласот на народот? Ќе видиме деновиве, истакна шефот на дипломатијата. 

 

- Да беше лесно, немаше да биде историски. Напред и нагоре! Ќе не’ биде!, дополни тој во својот ФБ статус.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.